Андов: Почнуваме ново поглавје во женската репрезентација

20

Македонската женска фудбалска репрезентација ги почна подготовките за првите натпревари од новиот квалификациски циклус. Овој пат нашата селекција е дел од Ц лигата во квалификациите за пласман на Светскиот шампионат.

Со почетокот на овој циклус се отвора и ново поглавје во историјата на националниот тим бидејќи во составот предводен од Александар Андов доминираат фудбалерки кои беа дел до младинските репрезентации кои изминатиов период постигнуваа извонредни резултати.

“Почеток на нов циклус натпревари, но и ново поглавје во македонската женска фудбалска репрезентација. Овој тим е составен од фудбалерки кои беа дел од селекциите до 17 и 19 години, а тука се и фудбалерки кои и претходно беа во составот на сениорската репрезентација. Во репрезентацијата доминираат фудбалерки од домашниот шампионат. Правиме нов концепт, создаваме нов тим, кој подолг период ќе игра заедно. Во овој циклус на квалификации имаме идеална група да се види до каде сме, но и покрај фактот што екипата е целосно подмладена и во екипата имаме фудбалерки кои за прв пат ќе бидат дел од А репрезентацијата, јас сум оптимист и верувам дека можеме да бидеме подобри од Азербејџан и Андора”, изјави селекторот Андов.

“Не е исто да се игра во помладите селекции и во сениорскиот тим. Во А репрезентацијата притисокот е далеку поголем. На тие натпревари фудбалерките играат со противнички на своја возраст, а во сениорска конкуренција се среќавате со играчи кои се повозрасни. Сепак мора да потенцирам дека нашите млади фудбалерки имаат победнички менталитет кој го потврдија во настапите за репрезентациите до 17 и 19 години каде успеаа да се пласираат во елитните фази и да се соочат со најдобрите селекции од Европа. Сметам дека овие девојки го носат токму она што и недостасуваше на сениорската репрезентација, победнички дух и тимска игра. Се надевам дека таа енергија во комбинација со поискусните фудбалерки кои се дел од селекцијата ќе донесе резултати и дека ова ќе биде тим со кој во блиска иднина сигурно ќе се гордееме”, продолжи предводникот на националниот тим.

 

 

 

 

 

ПретходноФФМ ја поддржува иницијативата: „Спортските игри за млади“ за првпат во Македонија
СледноШабани: Вардар е лидер, има добар тим, но ние сме екипа која може против секого