АП Брера имаше позитивен старт на пролетта, но во минатото коло загуби на домашен терен (3:4) од Работнички што веднаш го запали алармот во тимот од Струмица. Нема многу време за анализа и навраќање назад, затоа што денеска составот на Мартин Алаѓозовски има нов предизвик, гостува кај Башкими во Куманово.
Тој верува дека неговиот тим ќе одигра многу подобро отколку на минатиот меч со Работнички.
„Искрено, одигравме навистина слабо со Работнички. Направивме многу грешки, противникот тоа го искористи и ги освои бодовите. Анализиравме, разговаравме, се надевам дека се ресетиравме и очекувам денеска во Куманово да одиграме многу подобро против Башкими. Свесни сме сите дека потенцијалот на тимот е многу поголем од изданието што го имавме во претходното коло. Но, тоа е веќе зад нас, сега сме фокусирани на добар меч во Куманово и се надеваме дека ќе освоиме бодови“, вели шефот на стручниот штаб на АП Брера, Мартин Алаѓозовски.















