Шкендија ја заврши својата авантура во Конференциската лига на УЕФА, откако на вториот меч против Самсунспор беше поразена со 4-0. Јетон Беќири, тренерот на македонскиот тим вели дека не очекувал дека ќе бидат убедливо поразени потенцирајќи дека заморот си го сторил своето.
„Сакам да и честитам на екипата на Самсунспор за пласманот во осминафинале, мислам дека го заслужија тоа во двата натпревари. Што се однесува до натпреварот, бевме многу добри во првото полувреме, потоа еден случаен пенал и заморот си го земаа данокот, а потоа доживеавме тежок пораз, кој според она што го покажавме во првото полувреме, не го заслуживме.
Да бидам искрен, очекував да бидеме компактен тим и до крај ќе се бориме за осминафинале, а не така убедлив пораз. Но, како што ви кажав претходно, еден пенал момент или дури и натпреварот одигран во недела во многу тешки, катастрофални, услови на теренот против Силекс во македонското првенство, верувам дека има големо влијание и во второто полувреме дојде заморот на играчите. А, потоа следеа уште три гола.“
Стратегот на Шкендија направи анализа на нивниот настап на европска сцена.
„Секако, по овој натпревар нашата европска авантура завршува. Најпрво би сакал да им се заблагодарам на сите играчи за дадениот максимум бидејќи вкупниот успех на клубот за време на ова натпреварување беше извонреден, и покрај последниот пораз кој беше тежок пораз. Исто така, сакам да ја изразам мојата благодарност до целиот клуб, од сопствениците, до раководството на клубот, вработените, администрацијата, бидејќи беше напорна сезона за нас, беше ново искуство за нас. Сега сè што ми преостанува е целата концентрација и фокус да се вратиме во македонското првенство и се надевам дека и во првенството и во Купот ќе го дадеме нашиот максимум. Убеден сум дека со максимална посветеност ќе излеземе со позитивни резултати на крајот од сезоната“.










