Работнички со убедливи 3:0 го победи Шкупи во меч, кој се одигра во “утрински“ термин од 20.коло. Ова е трета победа сезонава или втора во низа за составот од Градски Парк кој сега има 13 бода и е на -7 од Пелистер кој е деветти и во бараж зоната, но битолчани имаат меч помалку.
Резултатот го отвори Никола Манојлов со прекрасен гол во таа 37.минута откако претходно направи дар-мар во одбраната на чаирчани и го погоди спротивниот агол. Нема што, прекрасен гол.
Долго стоеше на семафорот 1:0 за да во 77.минута Сухељ Мухарем погоди за 2:0, но не се радуваше ако се знае дека во зимскиот преоден рок дојде во Работнички токму од Чаир. Само три минути подоцна и Матеј Ангелов се запиша во листата на стрелците отако претходно беше убаво проигран од Зија Мерџани.
Ова беше и дерби на дното на Арената во Скопје, меч во кој се сретнаа двете последни екипи на табелата. Работнички очекувано беше подобар, создаде повеќе шанси и затоа заслужено ги освои овие три значајни бода. Чаирчани колку и да се бореа, сепак отсуството на квалитет и искуство беше пресудно. Оваа победа значи дека сега и Работнички сезонава има победа против Шкупи кој досега има само едно реми и само еден бод, и тоа против Работнички во есенскиот дел.















