Руни откри бизарен подарок што го добил од Марадона: Сè уште го чувам

55

Вејн Руни откри дека легендарниот Диего Марадона еднаш му ја подарил својата вратоврска во ресторан во Манчестер – и тоа во момент кога Руни бил бесен на својот тренер Алекс Фергусон.

Поранешната ѕвезда на Манчестер Јунајтед се присети на необичната средба во својот подкаст, зборувајќи за омилените стадиони.

Сè се случило по првиот натпревар од осминафиналето во Лигата на шампионите во 2013 година против Реал Мадрид на „Сантијаго Бернабеу“.

„Одигравме одличен натпревар. Дени Велбек постигна гол со глава по мој корнер и заврши 1:1“, се присети Руни.

И покрај добриот резултат на гости и неговата улога во ремито, Фергусон решил во реваншот да го остави на клупата.

„Ме повика и ми рече дека ќе бидам резерва, што навистина ме разлути. Играв надвор од својата позиција, ја завршив работата за тимот и помогнав да избориме добар резултат, а потоа дома загубивме со 2:1“, раскажа Руни.

Она што следело по тој натпревар било уште понезаборавно. Лут поради поразот и својот статус во тимот, Руни заминал во популарен кинески ресторан кој често го посетувале фудбалери.

„Таа вечер отидов во ресторан во клупска тренерка, а таму беше Марадона. Се фотографирав со него, нормално. Тој беше во целосен костум со вратоврска, а одеднаш ми ја даде. Ја симна од вратот и ми ја подаде додека јас стоев во тренерка. Беше малку чудно“, раскажа Руни.

Марадона таа вечер бил на „Олд Трафорд“, а во тој период често престојувал во Манчестер бидејќи неговата ќерка Џанина била во брак со напаѓачот на Манчестер Сити, Серхио Агуеро.

„Да, сè уште ја имам дома. Беше чуден момент, но јас бев бесен по натпреварот. Излегов да испијам неколку чаши вино за да ја потиснам тагата. Барем од таа вечер произлезе нешто добро – ја добив вратоврската на Марадона“, заклучи Руни.

ПретходноОва е тајната на неверојатниот успех на Бодо/Глимт!
СледноФудбалерките до 17 години со победа ги отворија квалификациите во Струмица