Американецот со македонски пасош, Итан Хап беше еден од лидерите на теренот во победата против Луксембург од 79-70. Тој зад своето име запиша дабл-дабл од 15 поени и 14 скока, и беше сигурност под обрачите.
Тој вели дека е најважна победата и покрај тоа што Македонија не беше константна, испрати комплименти до Андреј Јакимовски со кого првпат имаше шанса да соработува.
„Игравме силно, тренерот направи одлична работа со подготовките цела недела, асистентите исто така, но најважно е што ние ги исполнивме целите. Секој поен е важен, но најважно е што победивме. Луксембург е добар тим, а ние имаме нов селектор и сè уште се обидуваме да се вклопиме на неговата филозофија, а имавме само четири заеднички денови за подготовките.
Имавме големи падови, а за да се победат поголеми репрезентации, мора да играме на исто ниво 40 минути. Овој тим има голем талент, Андреј Јакимовски не беше тука минатиот пат кога играв, неговото присуство е од големо значење и навистина е значаен дел од овој тим“, рече Хап.










