На денешната средба во Тетово, каде играа Шкендија и Пелистер, како што и пренесе „СпортСпорт“, имало сериозни нарушувања на сигурноста на официјалните лица, пред се на судиите, кои во еден момент биле гаѓани и погодени со предмети.
Во врска со ова се огласија и од страна на ФФМ, реакцијата ви ја пренесуваме во целост:
“Согласно официјалниот судиски извештај од натпреварот од 20. коло во Прва МФЛ меѓу Шкендија и Пелистер, евидентирани се повеќе сериозни безбедносни инциденти.
Во 57. минута од натпреварот, при прекин на играта поради вршење измена на играчи, од трибините биле фрлани предмети кон техничкиот простор, при што четвртиот судија бил погоден со паричка и запалка во пределот на раката.
Натпреварот беше кратко прекинат и продолжен по проценка на главниот судија.
Во извештајот се наведува дека кон официјалните лица се фрлани опасни предмети. Гаѓани со скалпел, сериозна закана по безбедноста на службените лица и учесниците во натпреварот.
Се поставува прашањето, што доколку судијата бил погоден од скалпел? Чија би била одговорноста во тој случај?
По завршувањето на натпреварот, надворешно лице влегло на теренот за игра и упатувало закани кон главниот судија и асистентот. Во тие моменти, дел од публиката започнала повторно да фрла предмети кон теренот, по што судискиот тим, кој веќе се упатил кон соблекувалните, бил принуден да се врати назад на теренот од безбедносни причини.
По влегувањето во подтрибинскиот простор, истото лице кое претходно упатувало закани ги чекало судиите пред судиската соблекувална и повторно трчајќи кон нив упатувало закани. Главниот судија побарал од присутните службени претставници, лицето да биде отстрането.
Според наводите во извештајот, директорот на клубот, Цуцули, изјавил: „Оставете го, тој е син на газдата“.
Понатаму, во извештајот се наведува дека било побарано од делегатот на натпреварот настанот да биде евидентиран во записникот, по што лицето се упатило кон излезот со цел да не биде идентификувано.
Сите овие настани се службено констатирани и ќе бидат предмет на разгледување и постапување од страна на надлежните дисциплински органи согласно важечките прописи.
Фудбалската федерација на Македонија ќе постапува согласно важечите прописи и нема да има отстапување во однос тоа“.















