Судискиот одбор: Одлуките на мечот Тетекс – Брегалница се донесени согласно правилата, нема влијание врз исходот. Отворена покана за анализа во ВАР центарот на ФФМ

85

Судискиот одбор има разбирање дека во овој дел од полусезоната натпреварите од МФЛ добиваат дополнителна тежина, бидејќи токму во овој период се прави разликата и првенството добива појасна слика за тоа кои екипи се аспиранти за повисок пласман, а кои се борат за обезбедување опстанок. Сепак, одговорноста за резултатите не треба и не смее да се бара кај судиите.

Напротив, неопходно е чесно и објективно да се анализираат сопствените фудбалски перформанси, играта и постигнатите резултати. Судиските одлуки и евентуалните спорни ситуации од натпреварите остануваат предмет на анализа исклучиво на стручните судиски органи.

Во таа насока, Судискиот одбор и досега работеше транспарентно и доследно, јавно посочувајќи ги сите утврдени судиски грешки во анализите и соопштенијата. Тоа се правеше принципиелно и во случаи кога немаше јавни реакции или медиумски соопштенија од клубовите.

По извршената детална анализа на судењето на натпреварот помеѓу екипите на ФК Тетекс и ФК Брегалница од Втора МФЛ и разгледувањето на сите спорни ситуации посочени во јавноста, како и по увидот во целокупниот видеоматеријал, Судискиот одбор го утврди следното:

Во 10. минута станува збор за прекршок во напад, кога гостинскиот напаѓач го задржува противничкиот одбранбен играч кој се наоѓа пред него, користејќи една рака врз противникот, со што стекнува недозволена предност. Главниот судија се наоѓа во непосредна близина на настанот, има јасна прегледност и добар агол на проценка, по што правилно го препознава прекршокот и соодветно ја прекинува играта.

Во акција странично кон казнениот простор во 68. минута, капитенот на гостинската екипа и домашниот одбранбен играч со број 99 се во борба за топката, со меѓусебно држење. Откако гостинскиот играч ја губи контролата и поседот над топката, паѓа на теренот и бара прекршок. Главниот судија, а особено и асистентот судија, кои се во непосредна близина на настанот, правилно проценуваат дека станува збор за дозволен контакт меѓу двајцата играчи, предизвикан од обострано држење, по што оправдано дозволуваат играта да продолжи.

Во 85. минута станува збор за ситуација во однос на тоа дали постои прекршок за казнен удар за гостинската екипа, односно дали контактот меѓу одбранбениот играч и напаѓачот е доволен за досудување казнен удар. Видливо од видеоматеријалот, и тоа само од еден агол кој не дава јасен и очигледен доказ за прекршок, одбранбениот играч има намера да го блокира шутот и нападот на гостинскиот напаѓач, при што остварува контакт најпрво со топката, а потоа, по инерција на движењето, и со противничкиот играч. Гостинскиот напаѓач, како реакција, неприродно скока во место над одбранбениот играч, оставајќи впечаток дека го зголемува интензитетот на контактот. Главниот судија има добар агол и прегледност и правилно проценува дека контактот е дозволен и е резултат на намерата да се игра со топката, а не да се собори противникот.

Во сите посочени ситуации за потенцијални недосудени прекршоци, особено во казнените простори и околу казнениот простор, во зоната на шут, главниот судија доследно ги применува дадените инструкции до сите судии, да се санкционираат само јасни и очигледни прекршоци, со изедначен критериум при проценката на контактите меѓу играчите, а не лесни, фудбалски и дозволени контакти.

Истовремено, Судискиот одбор му забележува на главниот судија дека надополнетото време во второто полувреме не е соодветно определено и додадено. Врз основа на извршената анализа, не може да стане збор за какво било влијание врз конечниот исход од натпреварот поради судиските одлуки.

Во насока на целосна транспарентност и отворена комуникација, претставниците на Судискиот одбор го покануваат тренерот на ФК Брегалница Штип, заедно со клупските претставници, на заедничка анализа на натпреварот во ВАР центарот на Фудбалската федерација на Македонија.

ПретходноГо поведе Вардар: Валах ја има втората најдобра одбрана (ВИДЕО)
СледноГалатасарај казнет со 40.000 евра и ќе биде без навивачи на „Енфилд“