Македонската женска ракометна репрезентација од Белгија се враќа со минимален, но болен пораз од 26-25. „Црвено-жолтите“ имаа шанса да дојдат до победа, водеа со четири гола разлика, но ја загубија контролата, а Белгија испиша историја, ја запиша првата победа во едни квалификации за Европско првенство.
Селекторот, Кристијан Грчевски и неговите избранички беа фаворити на оваа средба, но според предводникот на нашиот најдобар национален тим, притисокот кој си го наметнале самите девојки имал свое влијание, како и кратката ротација поради бројните повреди.
„Тежок натпревар, не се повлековме под притисокот од публиката, но не се справивме ниту со сопствениот притисок знаејќи што значи овој натпревар за нас. Почнавме добро, но имавме некои пропусти во нашата игра, а така го започнавме и второто полувреме, а сето ова се должи на нашата ротација бидејќи имаме многу повредени играчи и игравме без традиционален централен бек“, изјави Грчевски.
Нашите ракометарки за три дена имаат шанса да се реваншираат, во Куманово ја пречекуваат Белгија.










