Тиквеш со „петарда“ во мрежата на Арсими (ВИДЕО)

115

Екипата на Тиквеш од Кавадарци се врати со полн плен од гостувањето во Гостивар, откако славеше против Арсими со убедлив резултат 5:0, во рамките на 21. коло од домашното фудбалско првенство. Натпреварот беше во целосна контрола на гостите, особено во првото полувреме.

Уште во првата минута Тиквеш дојде до водство. По индивидуална акција, Стојанов прецизно шутираше и го совлада голманот Ислами. Првично беше сигнализирана можна офсајд позиција, но по ВАР-проверката погодокот беше признат за 0:1.

Раниот гол беше силен удар за домаќините, кои тешко се снаоѓаа во воведните минути. Во 9. минута Гуел реализираше од непосредна близина за 0:2, а доминацијата на гостите продолжи и со третиот погодок, дело на Луизијанињо, кој зголеми на 0:3 и практично го реши прашањето на победникот уште во првиот дел. Арсими имаше неколку обиди да се врати во игра.

Во 41. минута Селмани ја погоди пречката, а кратко потоа Аргјенд Гафури имаше добра можност, но топката заврши покрај стативата. До крајот на полувремето Тиквеш создаде уште неколку шанси, но домашниот голман спречи поубедлив резултат. Во второто полувреме домаќините се обидоа да реагираат. Фатјон Јусуфи се закани со силен удар, но голманот Стевковски беше сигурен. Сепак, по грешка во одбраната на Арсими, Сила постигна гол за 0:4, а само една минута подоцна Давид Голубов зголеми на 0:5. Ова беше едно од најслабите изданија на Арсими на домашен терен оваа сезона, додека Тиквеш уште еднаш потврди дека располага со хомоген и квалитетен состав.

По овој пораз, Арсими се наоѓа на деветтата позиција со 26 бодови, додека Тиквеш се искачи на шестото место со 27 поени.

ПретходноМакедонија ЃП од негатива до победа против Работнички (ВИДЕО)
СледноШок во Мадрид: Крај на сезоната за Мбапе!?