Пелистер – Силекс 0:0 е исходот од последниот меч од 21.коло во ПМФЛ. Меч кој доцна попладнево се одигра во Битола проследен на моменти со дожд а во второто полувреме се играше и под рефлектори. Меч од кој реално повеќе се очекуваше, меч на кој во првото полувреме домашните беа подобри, имаа и две шанси, додека во второто полувреме Силекс беше подобар, имаше и три големи шанси, но денеска во Битола на стадионот “Петар Милошевски“ не видовме погодок.
Пелистер тргна поагресивно, тргна во напад со цел да се дојде до водство. Битолчани имаа иницијатива, барем до таа 25-30 минута, имаа и шанси, двете на Булатовиќ во 16. и 40.минута, но сепак на одмор се замина со тие почетни 0:0.
Кратовци резервирани, со само една закана кога Ангелески шутираше од изгледна позиција, но тој шут беше блокиран.
Во првата фаза од втрото полувреме гостите од Кратово конечно се отворија, го имаа почесто поседот, креираа акциии, мечот конечно доби на некоја динамика.
Во 62.минута супер шанса за кратовци, Пиреш му намести зицер на Мирчевски кој беше очи во очи со Јовчевски, но домашниот голма феноменално одбрани.
Седум минути и Пиреш опасно се закани, но Португалецот не успеа да ја затресе мрежата на Јовчевски. Во 79.минута и Алиќ беше во шанса пред голот на домашните, но гол нема, па нема. Во последните минути од средбата, Силекс беше во опасна контра, ама Пиреш место да го проигра Алиќ, по што веројатно ќе беше гол и победа, тој се реши да дрибла и ја упропасти големата шанса.
Па така по ова реми, Силекс и натаму е на 4.место на табелата со 39 бода, пет помалку од третата Струга ТЛ. Пелистер по ова 21.коло има 21.бод и уште се наоѓа во опасната зона на табелата.















