Интервју со Елена Мицковска: Не ме обесхрабрија низ годините, туку дополнително ме мотивираа! Авторитетот не се добива со функција, тој се гради!

208

Марија Ковачева

Во спортот во Македонија, реткост е да се види една жена на лидерска позиција, а уште помалку да биде назначена за претседател на една федерација. Оваа бариера ја урна Елена Мицковска, која е една од ретките жени поставени на чело на една спортска федерација. Поранешната македонска кошаркарска репрезентативка испиша историја, таа е првата жена претседател на Федерацијата на училишен спорт во Македонија.

За неа спортот не е непознат терен, патот до успехот го градеше долги години, како спортист, професор и спортски работник. Нејзината упорност и желба за постојано надоградување ја донесоа рамо до рамо со лидерите во спортот. Мицковска неодамна стана и првата жена делегат на еден финален натпревар во Куп на Македонија во машка конкуренција, а покрај ова таа е прва жена – претседател на судиска комисија при КФСМ, прва жена со ваква функција во Европа.

Мицковска која е поборник за подобро место на жените во спортот и нивната важност, во интервју за „Женски Спортски Приказни“ потсетува дека ниту една жена не треба да се откаже од својот сон без разлика со вакви предизвици се соочува.

🎯Како го доживуваш моментот дека си прва жена претседател на Федерацијата на училишен спорт во Македонија и прва жена делегат на еден финален натпревар во машка конкуренција – гордост, притисок или лична победа?

„Познавајќи се себеси како личност која долги години е дел од спортот, прво како спортистка – кошаркарка, потоа како дипломирана професорка со повеќе од 18 години искуство во образовниот систем, спортска работничка, офцијално лице на еден финален кошаркарски Куп натпревар во машка конкуренција, до претседателка на една од според мене клучни федерации во развојот на спортот, а тоа е Федерација на училишен спорт на Македонија. Сето ова долгогодишно искуство ме направи посилна личност, ме научи дека животот не е еден, туку повеќе кошаркарски натпревари, во кои треба прво да вложуваш многу во себе, да си истрајна, на терен да покажеш храброст, да научиш да ја контролираш емоцијата, и заеднички и тимски по многуте победи и порази, да оствариш голема победа на крајот. Кога велам победа на крајот, мислам на заедничка победа, за која ние жените секојдневно се бориме поради притисокот кој го имаме бидејќи за жал,  дел од нашите колеги сметаат дека местото во спортот е резервирано само за мажите. Затоа сме ние тука да ги потсетуваме континуирано дека денес е 21-ви век и во спортот има подеднаква компетенција за сите нас“.

🎯Што е потешко во Македонија, да се биде жена во спортот или да се биде жена лидер во спортот?

„Дефинитивно жена лидер во спортот! За среќа живееме во едно општество без интроекти по однос дека секое дете има право да се занимава со спорт без разлика дали е момче или девојче.

Да се биде креаторка во политиката на спортот носејќи важни одлуки, до лидерка во спортот, според мене е еден од најтешкиот професионален пат што една жена може да го изоди за да се слушне нејзиниот глас и да покаже колку навистина вреди“.

🎯Кој беше најтешкиот отпор што го урна на патот кон оваа позиција? Дали некогаш ти било посочено дека лидерските позиции се „машка работа“?

Покрај многуте предизвици, мојот најголем предизвик беше токму тоа, посочувањето дека никогаш нема да бидам доволно добра затоа што сум жена и дека нема да успеам. Тоа само дополнително ме мотивираше да успеам во тоа што го посакувам, инвестирајќи во себе изминатите 30 години“.

🎯Сведоци сме дека во македонскиот спорт ретко гледаме жени на врвни функции, ти си еден од ретките примери. Колку ние како земја сме подготвени да ги поместуваме овие бариери?

„Авторитетот не се добива со функција, тој се гради со годините! Сметам има многу малку спортистики кои по завршување на спортската кариера остануваат со спортот и учествуваат во креиреање на политиката на спортот.

Тука сакам да ги охрабрам останатите но и да им дадам поддршка дека не се сами и дека од нас самите зависи поместувањето на тие бариери“.

🎯Ти си порашена кошаркарка и репрезентативка, па верувам дека борбеноста и упорноста, се дел од карактерните особини кои се ги изградила многу поодамна, а истите ти помогнале на твојот пат кон градење на успешна кариера. Дали требаше да работиш и да се докажуваш двојно повеќе од твоите колеги? Кој е твојот совет до сите жени во спортот?  

Како што кажав и погоре, да, ние жените треба да работиме двојно повеќе за да бидеме сериозно сфатени, да покажеме и докажеме дека навистина вредиме. Честопати велам, не ме обесхрабрија низ годините, туку дополнително ме мотивираа, и посебно сум горда на себе и фактот дека сум позитивен пример на сите девојки кои во иднина  сакаат да се вклучат со системот на спортот и да бидат негови креатори за подобра иднина сите деца во спортот.

Не треба да се откажуваме, не треба да бараме дозвола од никој, треба само да сме сигурни во себе, а за сето тоа треба континуирано да вложуваме во себе“.

🎯Каква Федерација сакаш да изградиш? Кои се твоите приоритети кога станува збор за училишниот спорт во Македонија?

Сакам федерација која што ќе биде лидер  во развој на базата во спортот, федерација која ќе ги обедини институциите, општествено одговорните компании, ќе ги обедини спортските работници и професорите, со една заедничка цел а тоа е здрава младина која преку спортот ќе изгради здрави животни навики, фер-плеј игра, тимска работа, толеранција, еднаквост и здрави животни навики“.

🎯Дали училишниот спорт и ден-денеска може да биде темел на идни врвни спортисти?

„Колку едно дрво има поголеми и подлабоки корени толку поголема е веројатноста дека ќе биде постабилно и дека ќе  роди здрави плодови во иднина. Училишниот спорт треба да биде базата, основата, а тоа не можеме сами но и преку ноќ да го изградиме“.

🎯Која е главната мисија и визија. Кон што се стремиш, што е она што сакаш да го промениш за да училишниот спорт во Македонија?

„Не само јас, секој кој што би бил на моето место би посакувал федерацијата да биде на своето место, а тоа е онаму каде што заслужува на врвот, а децата заеднички искачени на пиедесталот.

За тоа треба навистина многу работа, заеднички. Но, на прво место треба да започнеме со професорите, тие мора да бидат вреднувани, да имаат континуирана едукација, да бидат мост помеѓу децата и федерациите, да имааат можности за професионален развој и да биде валоризиран нивниот вложен труд.

На учениците им недостасува видливоста, медиумската и јавна поддршка за поттик и мотивација но и потврда дека се на вистинскиот пат и дека треба да продолжат да го работат истото за да постигнат успех“.

🎯Наскоро Македонија ќе биде домаќин на Светско првенство во ракомет, во Скопје треба да пристигнат околу 1000 млади ракометари ракометарки. Што можеме да очекуваме, кои се твоите очекувања?

Македонија, односно Скопје за прв пат ќе биде домаќин на престојно светско првенство во ракомет за средни училишта за момчиња и девојчиња од 20-ти до 29-ти април. За нас како федерација, но и како држава, особено и за спортот ќе биде од големо значење.

Обединети заедно сите, Министерството за спорт, Ракометна федерација на Македонија, општествено одговорните компании кои безрезервно подаваат рака, сите ние кои имаме иста намера и приоритет, без лични интереси, навистина можеме да бидеме одлични домаќини, но и да направиме одличен резултат. Зошто и да не да ја израдуваме Македонија со медал и тоа златен“.

🎯Кои се следни активности на Федерацијата на училишен спорт, во однос на проекти за подигнување на нивото и квалитетот?

Кога сме кај меѓународни проекти и партнерства би сакала да го истакнам следениот  голем проект кој со поддршка од  Премиерот на Република Македонија, Христијан Мицкоски го добивме, а е исклучително важен во поголемо мотивирање и вклучување на сите млади од руралните и урбаните средни подеднакво во низа спортски инклузивни активности е „Спортски игри за млади“.

Дополнително продолжуваме со двата, а во најава и уште еден трет проект со  Фудбалска федерација на Македонија. Подигнувајќки ја свеста кај сите креатори во политиката за подобар спорт кај младите од една страна и ние како федерација од друга страна,  да го подигнеме квалитетот во организација на секој настан , секој ученик да добие подеднакво безбедено и фер плеј искуство“.


***Редакцијата на „СпортСпорт“ им се заблагодарува на Фудбалската федерација на МакедонијаРакометната Федерација на Македонија и Кошаркарската Федерација на Македонија, кои ги отворија вратите за проектот „Женски Спортски Приказни“ и без двоумење прифатија да не поддржат во реализација на истиот***

Голема благодарност до нашите партнери: НЕПТУН и ТРИГЛАВ ОСИГУРУВАЊЕ ЖИВОТ АД СКОПЈЕ. 

ПретходноАнчелоти и Тухел не се заинтересирани за клупата на Манчестер Јунајтед
СледноГолот на Манасков за реми против ПСЖ во изборот на најубавите во ЛШ (ВИДЕО)