ФК Шкупи дојде во Струга со намера да се брани, но нивниот отпор траеше само седум минути. По една акција по левата страна, Хамза Меметриза асистираше во шеснаесетникот, каде што Малески со удар со глава ја затресе мрежата за 1:0.
Само една минута подоцна, Малески ја погоди пречката, а одбиената топка Шабани ја испрати директно во рацете на гостинскиот голман, Сефер Муслиу. Во 25-тата минута, Меметриза изведе корнер, по што Јевтовски биеше непрецизно покрај стативата. Веднаш во следната минута, Радески се закани во шеснаесетникот, но Муслиу повторно беше на висина на задачата.
Притисокот продолжи со силниот удар на Буњамин Шабани од 17 метри, кој заврши над голот. Сепак, капитенот на Струга Трим Лум успеа да го совлада Муслиу по вторпат, во судиското продолжение зголемувајќи на 2:0. Вториот дел започна исто како и првиот – со целосна доминација на домашните. По уште еден корнер, Киријакос Мазулуксис со глава го постигна својот прв гол за предност од 3:0. Во 55-тата минута, по најубавата акција на натпреварот и асистенцијата на Радески, Арби Воша ја погоди стативата. Четвртиот гол пристигна во 60-тата минута.
По центаршут од десната страна, Малески со глава ја спушти топката до гол-линијата, а на Компаоре не му беше тешко да ја смести во мрежата. Напаѓачот од Буркина Фасо пропушти шанса за свој втор гол во 70-тата минута кога биеше со глава покрај голот, но се поправи само пет минути подоцна.
По асистенција на Марјан Радески, Компаоре зголеми на 5:0 во 75-тата минута. При крајот на средбата, Радески беше блиску до шести гол, но Муслиу со крајни напори интервенираше. Во последната акција на мечот, Зендели упати силен удар од 16 метри, но голманот на Шкупи повторно беше на вистинското место, спречувајќи уште поубедлив пораз.















