Фудбалерите на Башкими со доминантна игра и голема пожртвуваност го затворија вториот циклус од Првата македонска фудбалска лига, совладувајќи ја екипата на Македонија Ѓ.П. со 2:0.
Натпреварот започна со силно темпо на домашните. Уште во 7-мата минута, по асистенцијата на Аворнио, Рибеиро се закани со глава, но голманот Јанков беше на место. Само една минута подоцна, гостите се обидоа преку Стојчевски, но неговиот шут заврши над голот. Најзрелата шанса во првиот дел ја имаше Ор во 32-рата минута. Тој мајсторски се ослободи од Али Адем и силно биеше, но неговиот удар заврши во стативата.
Пред самиот крај на полувремето, Арменд Алими и Ор имаа уште две изгледни прилики, но мрежите мируваа најмногу благодарение на интервенциите на гостинскиот чувар на мрежата. Притисокот на Башкими продолжи и во вториот дел преку Мурати и Алими. Во 70-тата минута видовме вистинска драма на двете страни: прво Јанков го одбрани ударот на Алими, а во контранападот Јашар покажа зошто е меѓу најдобрите, сопирајќи го опасниот обид на Еступиниан.
Клучниот момент дојде во 73-тата минута. По еден продор во шеснаесетникот, Пановски беше непрописно сопрен од Еступиниан, а главниот судија без двоумење покажа на белата точка. Искусниот Аворнио беше ладнокрвен реализатор за водство од 1:0. Точка на натпреварот и потврда на петтата позиција на табелата стави Ресул Мемети во 83-тата минута. По одличен контранапад и асистенција на Рибеиро, Мемети ја затресе мрежата за конечни 2:0 и огромна радост на трибините во Куманово.















