На теренот „Ќумурно“ во Битола, во пресрет на квалификацискиот натпревар меѓу женските селекции на Македонија и Андора, се одржа првиот фестивал за девојчиња на возраст од 8 до 12 години, во рамки на проектот за развој на женскиот фудбал што го реализира Фудбалската федерација на Македонија со поддршка од ФИФА.
Настанот претставува дел од поширока иницијатива насочена кон зголемување на интересот кај најмладите девојчиња за фудбалот и создавање нова база на млади таленти. Фестивалот во Битола е прв од вкупно десет настани кои ќе се реализираат во следните две години низ државата.

На теренот „Ќумурно“ учествуваа околу 50 девојчиња од основните училишта во Битола, поканети со поддршка на Општина Битола. Во активностите се вклучија и женските фудбалски клубови од градот, како и тренерите од фудбалската академија во Битола, кои преку едукативни и забавни фудбалски игри им овозможија на девојчињата запознавање со спортот.
На настанот присуствуваа претставникот на ФФМ, Николче Новески, градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски, како и селекторот на женската А репрезентација, Александар Андов, кои ја нагласија важноста од организирање вакви активности за иднината на женскиот фудбал.
„Особено ни е драго што денеска во Битола гледаме толку многу насмеани девојчиња кои уживаат во фудбалот. Нашата цел како федерација е да создадеме услови што повеќе девојчиња да се вклучат во спортот, а ваквите фестивали се првиот чекор кон откривање нови таленти и градење посилна иднина за женскиот фудбал во Македонија“, истакна Новески.
Селекторот на женската репрезентација, Андов, потенцираше дека ваквите настани се значајни за развојот на нови генерации фудбалерки.

„Кога ќе видите толку многу деца на терен, веднаш добивате дополнителна мотивација. Токму од вакви фестивали започнува љубовта кон фудбалот. Нашата задача е да им овозможиме патека по која тие девојчиња еден ден можеби ќе стигнат и до националниот дрес“, изјави Андов.
Амбасадор на проектот е македонската фудбалерка Меланија Грозданова, која беше дел од настанот и преку разговор и дружење со девојчињата ги сподели своите искуства и можностите што ги нуди фудбалот.
Посебен мотив за младите учеснички беше и присуството на фудбалерките од женската А репрезентација на Македонија, кои заедно со нив учествуваа во активностите и испратија силна порака дека со труд, посветеност и љубов кон играта, сонот да се носи националниот дрес е остварлив.
Со овој фестивал официјално започнува серијата настани кои во следниот период ќе се организираат низ Македонија, со цел уште поголема популаризација и развој на женскиот фудбал кај најмладите.










