Дончиќ проговори за разделбата: Донесов тешка одлука, ги сакам моите ќерки – ќе се борам за нив

1739
Фото:Twitter/ohnohedidnt24/printscreen

Ѕвездата на Лос Анџелес Лејкер Лука Дончиќ се раздели со својата свршеница Анамарија Голтес, потврди за ESPN. Извори блиски до ситуацијата велат дека Дончиќ во моментов води и правна битка за старателство над нивните две ќерки.

„Ги сакам моите ќерки повеќе од сè и правам сè што можам тие да бидат со мене во САД за време на сезоната, но тоа не беше можно, па неодамна ја донесов тешката одлука да ја прекинам свршувачката“, изјави Дончиќ во соопштение доставено до ESPN во вторникот.
„Сè што правам е за среќата на моите ќерки и секогаш ќе се борам да бидам со нив и да им овозможам најдобар живот што можам.“

TMZ објави дека Голтес поднела барање со кое бара издршка за децата и покривање на адвокатски трошоци од Дончиќ. Според извори запознаени со случајот, барањето е поднесено во Калифорнија – иако една од ќерките на Дончиќ била со него во таа држава само три месеци минатата пролет, додека другата никогаш не била таму. Дончиќ, според истите извори, „немал поим“ дека Голтес поднела вакво барање.

Извори додаваат дека Дончиќ, кој во август потпиша тригодишно продолжување на договорот вредно 165 милиони долари со Лејкерс, отсекогаш финансиски се грижел за своето семејство и ги покрива трошоците за своите ќерки „без никакво ограничување“.

Дончиќ (27) ја запроси Голтес, моден и фитнес модел, во јули 2023 година. Двајцата се познаваат уште од младоста, а во врска се од 2016 година.

Нивната прва ќерка, Габриела, се роди во ноември 2023 година во САД, додека Дончиќ беше член на Далас. Неколку месеци по неговиот трансфер во Лејкерс, нивното второ дете, Оливија, се роди во декември во Словенија.

Дончиќ беше отсутен од тимот на Лејкерс претходно оваа сезона, патувајќи во Словенија за да присуствува на раѓањето на Оливија, поради што ги пропушти натпреварите против Торонто и Бостон на 5 декември.

За време на престојот, Дончиќ изразил желба да ја поведе Габриела со себе назад во САД, кога требало да му се приклучи на тимот во Филаделфија. Тогаш дошло до несогласување со неговата тогашна свршеница, по што Голтес повикала полиција откако Дончиќ мирно ја напуштил болницата, велат извори за ESPN.

Полицијата пристигнала во породилиштето во Крањ на 6 декември за да разговара со Голтес, а Дончиќ бил испрашан и во својот дом. Според полицискиот извештај, во кој имал увид ESPN, службениците „не утврдиле никакви елементи на кривично дело или прекршок“ од страна на Дончиќ.

Според извори, Дончиќ истиот ден се вратил во САД. Оттогаш, тој не ги видел своите ќерки ниту Голтес.

Кога беше запрашан за патувањето во Словенија по натпреварот со Сиксерс, Дончиќ изјави:
„Не знам ни како да го опишам тоа. Имаше многу работи. Бев таму за раѓањето на мојата ќерка, а тоа ми значи сè. Но, дефинитивно беше вистински ролеркостер.“

Минатата недела Голтес ги избриша сите фотографии со Дончиќ од својот Инстагрампрофил, што дополнително ги поттикна шпекулациите на интернет за статусот на нивната врска.

На 26 февруари Дончиќ поднел привремено барање до словенечките судови за итен контакт со Габриела и Оливија, велат извори. Откако на 26 септември пристигнал во Лос Анџелес на тренинг кампот на Лејкерс, Дончиќ ги видел своите ќерки само два дена.

ПретходноЧудо во НБА-лига: Даде 83 поени и го урна рекордот на Коби Брајант (ВИДЕО)
СледноЗошто Лапорта сака да го обнови договорот на Левандовски?