Вечерва од терминот од 19 часот се одиграа три меча од 18.коло во нашата кошаркарска елитна лига. Секако дека најинтересно беше во Градски Парк каде Работнички, нашиот некогашен гигант по подолго време се врати дома. И имаше фешта, и тоа од фановите на домашниот клуб. Јасно е дека домашните кошаркари влегоа на мечот со Маџари со посебни мотиви и поради враќањето дома а и поради самиот амбиент на трибините, просто го декласира гостинскиот тим со 97:74.
Во текот на целиот меч домашните знаеја што сакаат и како да дојдат до победата. Уште на стартот започнаа силно и агресивно, ја билдаа разликата и на крајот дојдоа до седма победа сезонава, на крајот малку и се опуштија.
Секако дека најдобар на мечот беше Ефремовски кој запиша неверојатни 50 поени, имаше погодено 9 тројки.



Пелистер на свој терен немаше проблеми да дојде до убедлив триумф против МКК Куманово со 92:62. Сепак треба да се каже дека кумановци ја добија првата четвртина, но потоа битолчани заиграа далеку поквалитетно и на крај славеа убедлива победа.
Брејси – Дејвис со 23 поени беше најефикасен кај домашните, додека Радукиќ кај гостите запиша 14 поени.
Кожув со 113:98 успеа да слави против составот на Феникс 2010. Ова беше деветта победа на гевгеличани, со што ја оправдаа улогата на фаворит на хартија на овој меч.
Рахама со 25 поени беше најефикасен кај гостите а и на мечот, додека кај победничкиот состав Декариус запиша 24 поени.










