Кога ќе се одигра 1:1 кај актуелниот шампион, кој до тој меч имаше „пет од пет“ оваа пролет, кога ќе му се „украдат“ два златни бода во битката за титулата, а притоа твојот тим навистина ќе одигра квалитетно, тогаш нема дилеми дека стратегот на таа екипа е и тренер на колото. А тоа за 22.коло е Мартин Алаѓозовски, тренерот на Брера која завчера среде Тетово остана непоразена од силната Шкендија која до тој момент беше страв и трепет во пролетниот дел.
Мартин Алаѓозовски, иако има само 38 години, се наметна како стратег кој знае што прави, кој знае како од оваа екипа на Брера да го извлече максимумот. Иако во зимскиот преоден рок си заминаа неколку клучни играчи, тимот од Струмица и тоа како добро се држи на табелата. Во пресрет на третиот круг сезонава, Брера се наоѓа на седмото место на табелата со 28 бодови, место кое значи и директен опстанок и тоа пред едни Арсими, Македонија ЃП, Пелистер, Работнички.
Секоја чест за струмичани и нивниот тренер Мартин Алаѓозовски.















