Интервју со Катерина Николоска: Од татамите до 50-те најдобри џудо судии во светот!

63
Фото: Приватна архива на Катерина Николоска

Марија Ковачева

Кога се зборува за џудо во Македонија, едно име носи посебна тежина – Катерина Николоска. Поранешната олимпијка продолжи да испишува нови страници во македонската спортска историја, таа е дел од светската судиска елита,.

Катерина е првиот македонски судија избран од Светската џудо федерација да ја дели правдата на најголемите трунири во Светската Џудо Тура. Оваа привилегија ја имаат само 50 судии во светот, а меѓу нив е токму и нашата Катерина.

Таа е првата Македонка која ја претставуваше нашата земја на Олимписки игри во овој спорт, настапи во Рио де Жанеиро 2016 година.

Нејзиниот пат кон врвот е граден со години, исполнет со многу труд, постојано учење и вербата во себе и во целта, која ја поставила на почетокот на кариерата. Посветеноста, жртвата, желбата и љубовта кон џудото ја водат низ нејзиниот пат од натпреварувач на татамите до судија на најголемите светски турнири.

Таа е магистер по кинезиологија, професор по физичко и здравствено образование и тренер по џудо – жена која докажува дека страста кон спортот не завршува со натпреварувачката кариера, туку може да прерасне во нови успеси и нови победи.

Катерина и покрај бројните обврски ја прифати мојата покана во „Женски Спортски Приказни“ да ги раскаже чекорите и воедно да ги мотивира сите оние кои сонуваат да бидат успешни во овој спорт.

🎯Ти си првиот македонски судија избран од Светската џудо федерација да суди на најголемите турнири во Светската Џудо Тура. Ваква привилегија имаат само 50 судии во светот. Кој е патот по кој Катерина чекореше за да се најде во ова друштво?

„Да се биде дел од ова елитно друштво, само 50 судии од целиот свет, навистина е огромна чест, привилегија и престиж. За мене тоа претставува и исполнување на еден долгогодишен сон, но и потврда дека трудот, посветеноста и годините работа во спортот се препознаваат.

Мојот пат во џудото започна уште во најраните години, кога овој спорт за мене беше рекреативна и терапевтска активност. Со текот на времето љубовта кон џудото прерасна во натпреварувачка кариера. Денес сум магистер по кинезиологија, професор по физичко и здравствено образование и тренер, така што џудото на некој начин го одбележа целиот мој професионален и личен пат.

По завршувањето на натпреварувачката кариера, додека работев како тренер, започна и мојата судиска кариера. Во 2018 година ја положив континенталната судиска лиценца, а потоа следуваа бројни европски купови и првенства каде што судев и стекнував искуство. Круна на тој процес беше 2023 година, кога во Калгари, Канада, ја положив интернационалната судиска лиценца од А категорија.

Стекнувањето на лиценца од овој тип не се добива преку ноќ. Континуираната работа од натпреварувачките денови, преку судиски натпревари на годишно ниво, покажувањето интерес, повторно борба, да се бориш за тоа што го сакаш, инвестирањето, соработката со колегите од другите земји и доближувањето на погледите во спортот, самоусовршувањето, вербата во себе и целта која си ја поставил, посветеноста, жртвата, желбата и љубовта кон овој спорт, еве и повторно да поместам граници во македонскиот спорт и да се запишам повторно во нашата спортска историја како прва жена учесничка на ОИ во џудо, прва судијка која судела на Европски првенства, а сега и прва жена со оваа интернационална „А“ лиценца и дел од затворениот круг на судии во Светската џудо турнеја.

Всушност, сето тоа е резултат на долгогодишна работа и искуство. Џудото е спорт во кој постојано учите. Секој момент поминат на татамите носи ново знаење. Да се биде судија бара поинаков вид подготовка и многу добро познавање на спортот.

Интересно е што интересот за судење постоеше уште од најмала возраст. Во мојот прв клуб тренерот нè поттикнуваше да им судиме на помладите категории, па уште тогаш ме фасцинираше како изгледа да се биде на другата страна од татамите , таму каде што се носат важни одлуки за текот на борбата“.

🎯Како изгледаше твоето прво искуство на меѓународна сцена? Имаше ли трема и како успеа да ја совладаш?

„Првото меѓународно искуство како млад судија не беше воопшто стресно и неочекувано. Со спортскиот и натпреварувачки карактер, самоуверено и спремно, сигурна во тоа што го правам, едноставно беше право уживање во новата улога на татамите и со голема доза на одговорност кон натпреварувачите и тренерите, затоа што пред само неколку години од тоа прво искуство јас бев на таа страна.

Но кога станува збор за првото искуство на Светската џудо тура во 2025 година, тогаш чувството беше посебно. Претставувајќи ја својата земја и на ваков начин, и тоа по прв пат, е огромно задоволство кога се поместуваат границите и сè она што некогаш изгледало недостижно сега го живеам. Повторното чекорење на татамите кои претходно ме однесоа до Олимписките игри во Рио, а денес чекорам во друга улога и со една иста идеја, жар и замисла .

Секако, постои позитивна трема. Таа е нормална и дури помага да се задржи концентрацијата, со правилно канализирање. Мојот начин е да останам максимално фокусирана на борбата што се одвива пред мене и на задачата што ја имам на татамите“.

🎯Што значи подготовка за еден судија пред голем турнир? Колкав е притисокот на Светската Џудо Тура? Дали имаше некој совет што засекогаш ти останал во сеќавање и ти помогнал да станеш посигурна?

„Подготовките не престануваат, траат во континуитет. Судијата мора да ги познава правилата беспрекорно, како никој друг во салата, и да има одговор на секоја ситуација, да ги знае принципите на спортот од секој аспект и да е вешт во анализирање, а истото, само во дел од секундата, во жарот на борбата да ја донесе правилната одлука. Па пред самиот голем натпревар е секако од голема помош повторување на правилата и прегледување и анализа на борби.

На светската тура притисокот е поголем, бидејќи станува збор за олимписки систем на бодување и секоја одлука е од големо значење за натпреварувачите и федерациите. Но истовремено, тоа ниво носи и висок степен на професионализам.

Како совет кој ќе го паметам е да не ме демотивираат направените грешки на татамите, судењето не е перфекција туку проценка на фактичката состојба во дадениот момент  и да ја задржам кондицијата која ја покажувам во континутет на татамите“.

🎯Како се роди љубовта кон џудото? Од колку години се занимаваш со овој спорт? Што е важно да поседува една жена спортист за да може да тренира џудо?

„Љубовта кон овој спорт се роди уште во основно училиште. После откривање на почетна фаза на сколиоза, докторите препорачаа занимавање со спорт. Па така го откривам овој прекрасен спорт, кој што не само што здравствено ми помогна, направи овој спорт да стане моја љубов и пасија, туку ми даде и еден видик на светот и една убава перспектива за иднина.

На жена спортист, за да тренира џудо, ѝ е потребна желба и љубов за спортот. Жена спортист не е различно од спортист, па би рекла дека не треба да постои и да се гледа на жената како нешто различно во спортот, значи сè што еден спортист треба да поседува.

Но бидејќи зборуваме за женски спортист, и сè уште некои спортови се табу, би рекла жените да не паѓаат и да не се демотивираат од секакви предрасуди и стереотипи и сè уште, за жал, табу теми, од типот „боречка вештина не е за женско“. Секој треба да си го пронајде спортот во кој ќе се чувствува пријатно“.

🎯Ти си првата Македонка која ја претставувала нашата земја на Олимписки игри, тоа беше во Рио де Жанеиро 2016 година. Дали очекуваше дека еден ден ќе се натпреваруваш на ОИ?

„Не можам да кажам дека не очекував. Имав поставено цел, работев, се трудев, не се откажував и не потклекнував на падовите и препреките на патот. Верував дека тоа е моето време и дека треба да работам за тоа, и како во секоја работа, плодовите на работата се остварија , се случи поканата и учеството на Олимписките игри како награда за сите години и вложен труд на татамите.

Секој спортист што има поставено некаква цел, ако не се стреми, не размислува и не очекува, тешко дека ќе ја оствари.

Токму таму научив една важна лекција, дека човек треба да сонува и за она што на почеток изгледа тешко достижно“.

🎯Колку џудото во Македонија напредуваше, гледано од денешна перспектива? Што недостасуваше кога почна да се занимаваш професионално со овој спорт, со какви предизвици се соочуваше тогаш?

„Во текот на кариерата се соочував со проблеми од типот на недоволно спаринг партнери во својата земја со кои би можела да напредувам взаемно, а кои, за жал, рано се откажуваат од спортот од различни причини, поради што бев приморана да тренирам надвор од Македонија во подоцнежните години. Секако, и со финансиски, но и со проблеми од менаџерска природа. Тука исто така би рекла недоволно тренинг-кампови и турнири во развојните години како спортист, а подоцна и во сениорска возраст. И секако, недостатокот на тренер и медицинска грижа на поголем дел од натпреварите и камповите, кои не можеа да ме придружуваат, секако од финансиски причини.

Не можам да кажам дека сум најсреќна поради тоа какво е нивото на џудо во нашата земја во моментов, но еве, некои работи почнуваат да се движат и да се менуваат. Во 2023 година за прв пат добивме организација на Јуниорски европски куп, а минатата година се организираше прво Европско првенство во Скопје и одлична организација на џудо турнирот на ЕМОФ. Купот останува традиција, и покрај него македонската џудо федерација се заложи да организира уште еден Европски куп за сениори. Се покажавме како добри домаќини и организатори. Со организација на овие натпревари и организираните кампови после секој натпревар нашите џудисти имаат два пати годишно различни спаринг партнери на домашен терен. Очекувам и би требало да има подобрување, но само со голема волја и желба за работа, но и простор каде сите во овој спорт треба да сфатат дека треба да дадат и надчовечки напори како би отвориле врата за напредување на овој спорт во секоја област: натпреварувачка, тренерска, судиска, организациска…“.

🎯Кога одлучи дека е време да се повлечеш и да се посветиш на судењето? Дали тоа беше тешка одлука или нов предизвик кој едвај го чекаше?

„По завршувањето на натпреварувачката кариера, всушност ја започнав тренерската кариера, но паралелно со тоа почнав и да судам. Уште како млада спортистка, кога се соочував со повреди, често патував со тимот и судев на натпревари во помладите возрасни категории. На некој начин, судењето беше природно продолжение и можност да не се оддалечам целосно од татамите.

Иако работев како џудо тренер и навистина уживав во пренесувањето на моето натпреварувачко искуство на младите, во мене постоеше и желбата да бидам „третиот играч“ на татамите, судијата кој треба да остане речиси невидлив, но истовремено компетентен и професионален. Тоа беше начин и понатаму да бидам дел од врвниот спорт и, во поинаква улога, да ги бранам боите на својата земја.

Одлуката да се повлечам од натпреварувањето, секако, беше тешка. Но во исто време беше и доследна и ќе се случеше кога тогаш, но сметам дека сеуште не беше време, да ја прекинам и сметам дека ќе имаше и поголеми резултати. Поддршката која ја имав како спортист беше ограничена, а постојаната борба, не само на татамите туку и надвор од нив, со тек на време стануваше многу исцрпувачка. Да се биде професионален спортист, а паралелно да се работи, беше голем предизвик.

Сепак, имав среќа што останав на татамите. Работев како тренер во хрватски клуб, каде неколку години се подготвував за Олимписките игри, а истовремено започнав и со судиската кариера. Тоа донекаде ја ублажи тежината на таа одлука. Наместо да ја доживеам како пораз, поставив нови цели , уживав во работата со младите, гледајќи како растат и стануваат мали шампиони, а преку судењето ја задоволував мојата потреба и понатаму да бидам на татамите и дел од елитниот спорт. Денес судењето на големата сцена, ми претставува и предизвик“.

🎯Кои се твоите совети до сите оние млади џудистки кои сакаат да чекорат по твојот пат?

„На младите им препорачувам, доколку нешто искрено сакаат, да бараат начини да го остварат. Да не се откажуваат на пречките на патот, мудро да ги прескокнуваат и заобиколуваат. Од поразите да учат, а од победите да ги инспирираат другите. Да останат свои, автентични, свесни за своите квалитети и посветени на целта. И нешто многу битно за младите спортисти, додека им трае спортската кариера да најдат време и да го продолжат своето образование паралелно“.

🎯Кои се идни ангажмани на професионален план? Дали сонуваш еден ден да судиш олимписко финале?

„Агендата се пополнува од месец во месец. Планирани се неколку Гранд Слам турнири, Светски купови и други меѓународни натпревари.

Како на спортист што му е една од целите да се појави на големата сцена на ОИ, така и како судија, покрај неколкуте престижни натпревари во овој спорт, ОИ се секако местото каде се гледам повторно. Секако, судењето на олимписките игри, а особено на едно олимписко финале, би било огромна чест и круна на една кариера.

Но најважно е секој натпревар да се суди професионално, одговорно и посветено, чекор по чекор, со поддршка и спортска среќа секако, а резултатите секогаш доаѓаат како плод на посветената работа“.


***Редакцијата на „СпортСпорт“ им се заблагодарува на Фудбалската федерација на МакедонијаРакометната Федерација на Македонија и Кошаркарската Федерација на Македонија, кои ги отворија вратите за проектот „Женски Спортски Приказни“ и без двоумење прифатија да не поддржат во реализација на истиот***

Голема благодарност до нашите партнери: НЕПТУН и ТРИГЛАВ ОСИГУРУВАЊЕ ЖИВОТ АД СКОПЈЕ. 

ПретходноМУЗИКАТА ОБЕДИНУВА: ВИДЕОЛОТАРИЈА КАСИНОС АВСТРИЈА СИГУРЕН ПАРТНЕР НА КУЛТУРАТА
СледноПРЕСВРТ: Иран бара да ѝ се одземе Мундијалот на Америка?!