Стефановски: Пелистер има јасен план за иднината

90
фото: FC Pelister Bitola (FB)

Во врска со изјавите на некои советници околу финансирањето и работењето на ФК Пелистер, денеска со реакција во јавноста се јави Александар Стефановски, претседател на ФК Пелистер. Тој меѓу другото посочи:

„Финансиските средства што клубот ги добива од Општина Битола се одобруваат исклучиво со одлука на Советот на Општината. Тоа значи дека истите советници кои денес јавно поставуваат прашања, директно учествуваат во процесот на гласање и носење на буџетските одлуки. Од почетокот на тековната сезона 2026/2027 година ФК Пелистер има добиено 34.000.000 денари од општинскиот буџет, за кои се доставени уредни финансиски извештаи согласно сите законски процедури и обврски. Напоменуваме дека дел од овие средства се искористени за исплата на обврски за претходната сезона – 2024/2025 година. Со цел затворање на финансиската конструкција за сезоната 2025/2026 година, управниот одбор заедно со Општина Битола обезбеди и склучи договори за спонзорство со повеќе општествено одговорни фирми на вкупен износ од над 25.000.000 денари, што е 45 % од вкупниот буџет. Исто така во текот на следните месеци клубот ќе ја добие поддршката од ФФМ за развој на младинските категории што исто така ќе биде дел од буџетот за сезоната. Со сето ова средствата на Општина Битола кои ќе се одвојат за финасирање на сезоната 2025/2026 година нема да надминат 30 % од вкупниот буџет на клубот. Сакаме да потенцираме дека клупскиот буџет освен функционирањето на првиот тим опфаќа и низа други обврски кои клубот ги презеде во текот на сезоната. Покрај редовното сервисирање на долговите, во сезоната 2025/26 клубот реализираше подготовки во Анталија (Турција) и го организираше проектот за одбележување на 80-годишнината на клубот, кој вклучуваше свечена академија и гостување на Динамо Букурешт во Битола. Во буџетот се вклучени и сите трошоци за функционирање на младинската школа, како и настапите на сите возрасни категории на клубот во шампионатите на Македонија. Истовремено, клубот редовно ги исплаќа платите на професионалците и професионално ги организира домашните и гостинските натпревари, вклучувајќи ги и карантините и сите потребни услови за работа на фудбалерите и стручниот штаб. Дополнителните средства со кои располага клубот не се буџетски, туку се обезбедени преку спонзорства и други извори на финансирање“.

Тој дополни дека ФК Пелистер ќе продолжи професионално, транспарентно и одговорно да го води клубот.

ПретходноТомовски брилијантен, 12 одбрани – нова победа!
СледноАлкалоид поднесе официјална жалба за скандалозното судење на натпреварот против ГРК Охрид