Шок за Алкараз: Првиот пораз во годината го остави без финале на Индијан Велс против Синер

341
Фото: Австралија Опен Х

Данил Медведев го прекина совршениот почеток на сезоната на првиот тенисер во светот Карлос Алкараз и се пласираше во финалето на Индијан Велс. Алкараз, кој годината ја започна со освојување на Австралијан Опен, беше во серија од 16 победи, но Медведев го запре со триумф од 6:3, 7:6(3). Русинот во финалето ќе се соочи со Јаник Синер.

Рускиот тенисер фуриозно го отвори мечот и првиот сет го освои за само 35 минути. Медведев ги искористи двете брејк шанси во првиот сет, додека во вториот се водеше поизрамнета борба, која на крајот беше решена во тај-брејк.

„Од моја страна, првиот сет беше на исклучително високо ниво, а тој во вториот почна да го наоѓа својот ритам. Успеав да останам во мечот и добро да ги одиграм клучните поени. Среќен сум што успеав да му покажам на светот дека сè уште сум добар тенисер“, изјави Медведев по победата.

Со оваа победа триесетгодишниот Медведев, шампион на УС Опен, ја продолжи својата победничка серија на девет меча, откако минатиот месец го освои турнирот во Дубаи.

Во претходниот полуфинален дуел, вториот тенисер во светот Синер убедливо го совлада Зверев со 6:2, 6:4. Италијанецот до победата стигна за еден час и 23 минути, покажувајќи врвна форма.

Синер (24) сега има шанса да стане само третиот тенисер во историјата, по Роџер Федерер и Новак Ѓоковиќ, кој ги освоил сите шест титули од серијата АТП Мастерс 1000 на тврда подлога.

ПретходноШоу во Лос Анџелес: Трипл-дабл на Дончиќ и Јокиќ, Словенецот погоди за победа на Лејкерси (ВИДЕО)
СледноНикола Јокиќ „урлаше“ на клупата (ВИДЕО)