Екипата на Башкими ја брка третата победа по ред во пролетниот дел од сезоната, во пресрет на денешниот натпревар на домашниот стадион во Куманово против тимот на Работнички.
Домаќините успеаја да се консолидираат по двата првични порази (од Вардар со 1-0 и од АП Брера со 0-2), врзувајќи две победи во дуелите со Шкупи и Македонија Ѓорче Петров. Од друга страна, гостите од Скопје доаѓаат во Куманово со императив да ги освојат трите бода, со оглед на тоа што се наоѓаат во тешка борба за опстанок во елитното фудбалско друштво.
Иако притисокот е поголем кај гостинскиот тим, напаѓачот на Башкими, Емануел Аворнио, смета дека неговиот тим има должност да оди на победа пред своите навивачи.
„Работнички доаѓа на наш терен со императив за три бода неопходни за опстанок, но наша обврска е да го дадеме максимумот пред нашата публика. Се надевам на брза игра, со многу голови и на крајот ние да бидеме победници“, изјави меѓу другото Аворнио.
Досега Башкими и Работнички имаат одиграно вкупно 19 натпревари, во кои: Работнички има 10 победи; Башкими има 6 победи; 3 натпревари завршиле нерешено.
Сепак, вреди да се напомене дека во последните три меѓусебни пресметки, како победник излезе екипата на Башкими. Натпреварот од 23-тото коло помеѓу овие два ривала се игра денеска на стадионот во Куманово со почеток во 14:30 часот.















