Откако вчера раководството на КК Работнички се огласи со соопштение во јавноста, во кое беше овој клуб наведе за судиски грешки кои биле против клубот, денеска со своја реакција се огласи и Судиската комисија на КФМ.
Ви ја пренесуваме во целост:
Судиската комисија при Кошаркарската федерација на Македонија ја информира јавноста дека согласно Пропозициите за натпреварување и актите на Федерацијата, сите клубови имаат на располагање јасно утврдени институционални механизми преку кои можат да ги изразат своите евентуални забелешки во врска со судењето на натпреварите, и тоа:
– поднесување формална жалба
– доставување конкретни спорни ситуации
– барање за анализа на видео-снимка од натпревар
Преку овие процедури, надлежните комисии и стручни тела на Федерацијата можат објективно и професионално да ги разгледаат сите ситуации и да донесат соодветни одлуки доколку навистина постојат судиски грешки со влијание на резултатот.
Воедно, Судиската комисија потсетува дека работата на судиите континуирано се следи и оценува преку извештаи од контролори, видео-анализи и интерни стручни процедури, со цел постојано унапредување на квалитетот на судењето и зачувување на регуларноста на натпреварувањата.
Јавно посочување службени лица со име и презиме и барања за нивно изземање е во спротивност на Пропозициите и останатите акти на Федерацијата. Судиската комисија останува посветена на професионален и објективен пристап во оценувањето на судиите и ги повикува сите клубови своите забелешки да ги доставуваат преку предвидените институционални канали, со што ќе се овозможи нивно стручно и непристрасно разгледување.










