Јосифов во деби-сезоната на клупата на Валдфиртел влезе во полуфиналето на плеј-офот

68
фото: Union Volleyball Raiffeisen Waldviertel (FB)

Некогашниот македонски одбојкарски репрезентативец Ѓоко Јосифов, кој ја минува својата прва сезона на клупата на австрискиот прволлигаш Валдфиртел, имаше извонредно деби на чело на клубот кој годинава се најде во врвот на австриската клупска одбојка. Екипата на Валдфиртел викендов го потврди своето место во полуфиналето на плеј-офот на Австрија и сега се надева на вистинска сензација со пласманот во големото финале.

Јосифов не крие дека е презадоволен од текот на сезоната, иако како тренер се соочи со проблеми околу играчкиот кадар пред најважните дуели оваа сезона. Причина за тоа беа повредите.

„Сезоната ја завршивме добро со само 4 пораза, но крајот на јануари и почетокот н афевруари следуваа неколку повреди на битни играчи, што не исфрли од ритам и играчки и физички. Тројца, четворица првотимци беа по две-три недели на пауза. Тоа и ни се одрази во полуфиналето на Купот каде изгубивме против Хартберг. Сега полека се враќаме во ритам, игравме четвртфинале на плеј-офот против Грац, кој веќе го освои Купот на Австрија, но ние ги победивме со 3:1 во партии. Сега одиме на полуфинале против Хартберг, кој е доста добра екипа со две доста добри засилувања доведени во февруару. Имеме шанси, но мора да останеме здрави, бидејки веќе вчера првиот коректор го повреди рамото. Веќе го имаме победено Хертберг со 3:2, па ништо не е невозможно“, вели Јосифов.

Првиот меч од полуфиналето на австрискиот плеј-оф екипата на Валдфиртел ја очекува на 21 март.

ПретходноРакометарите на 26 март ќе ги дознаат ривалите во квалификациите за ЕП 2028
СледноБулатовиќ: „Пелистер во Кратово треба да покаже квалитет!“