Женската сениорска репрезентација на Македонија вечерва ќе го одигра својот шестти и последен натпревар во квалификациите за Евробаскетот во 2027 година.
Од 18.часот, во салата „Градски парк“ во Скопје (пренос на МРТ), за противник, нашите најдобри кошаркарки ја имаат селекцијата на Хрватска.
Гостинките важат како големи фаворити пред овие последни, за нашиот тим. квалификациски 40.минути. Но нашите девојки се подготвени да го прикажат својот максимум и да го дадат најдоброто од себе пред простувањето со оваа трка дел од евро-квалификациите во која досега имаат биланс од една победа и четири порази.
По гостувањата во Данска, потоа и Грција, нашиот женски национален тим се врати во Скопје, каде одработи два тренинзи пред „финалето“, односно натпреварот со Хрватска. Селекторот Александар Ашаданов со соочи со ситни проблеми, односно повреди на кои се пожалија Марија Николов и Мерит Хемпе.
На средбата со Грција во Солун, Николов доби силен удар во пределот на главата, поради што беше поштедена на последниот тренинг. Но ќе биде на теренот за вечерашниот дуел против фаворизираниот противник.
Проблеми има и нашата најдобра кошаркарка на последните две средби во овој дел од квалификациите. По доаѓањето во Скопје, лекарскиот тим се грижи Мерит Хемпе да биде во составот и да го даде својот придонес во обидите на нашиот тим да прикаже многу подобра игра во однос на оние на гостински паркет во овој мартовски ФИБА „прозорец“. Но неизвесноста дали нашиот најдобар стрелец во оваа фаза од квалификациите ќе биде на теренот, ќе потрае до пред почетокот на средбата.
За дуелот во „Градски парк“ – влезот ќе биде слободен, што е уште една добра прилика за љубителите на женската кошарка, да дојдат во реновираната спортска сала во срцето на градот, и да го проследат овој натпревар.










