Македонскиот ракомет денеска остана повторно завиен во црно. Почина истакнатиот спортски работник, Сашо Србиноски, една од најпрепознатливите фигури во домашниот ракомет, прв селектор и синоним за ракомет на плажа во Македонија.
Србиноски почина на 61-годишна возраст, оставајќи голема празнина, пред се за струшкиот ракомет на кој го посвети целиот свој живот.
„Со длабока тага и болка ја примивме веста за прераната загуба на нашиот Сашо Србиноски, поранешен претседател, посветен тренер и голем спортски работник во РК Струга. Неговиот живот беше нераскинливо поврзан со ракометот и со нашиот клуб. Со својата посветеност, енергија и љубов кон спортот, остави неизбришлива трага и инспирираше многу генерации млади ракометари. Како директор на Меѓународниот ракометен турнир, остави силен белег преку бројни соработки и пријателства кои ќе останат трајно врежани во историјата на нашиот клуб. РК Струга загуби голем човек, пријател и поддржувач, а неговото дело ќе продолжи да живее преку сите нас. Изразуваме искрено сочувство до неговото семејство, роднините и пријателите“ – објавија од РК Струга.










