Македонската ракометна репрезентација од денеска ќе биде комплетна, последен на подготовките во ЕХФ-неделата се приклучи и капитенот Филип Кузмановски. Селекторот, Кирил Лазаров за овој собир повика 20 ракометари, дел од нив се најдоа за првпат на списокот, па ќе имаат шанса да се изборат за место во иднина.
Македонија додека го чека својот противник за бараж мечот за пласман на Светското првенство 2027 година, ќе одигра пријателски натпревар против Австрија на гостински терен, истиот се игра на 21 март.
Лазаров нема да смета на Никола Митревски и Жарко Пешевски, кои побараа одмор, како и на Мартин Серафимов и Игор Ѓоргиев, кој и натаму се рехабилитираат од повредите.
Што се однесува до противникот за бараж натпреварот за пласман на Мундијалот следната година, Македонија ќе игра со подобриот од пресметката помеѓу Украина и Словачка. Првата средба се игра денеска со почеток во 19:30 часот.
Предводникот на нашиот национален тим, Лазаров потенцира дека двете репрезентации играат различен ракомет.
„Од материјалите што ги имаме на хартија Украина е фаворит, но до последен момент мислам дека нема да го знаеме противникот, двете репрезентации играат различен ракомет. Наше е да се подготвиме, нема да биде лесно, ќе бидеме во улога на фаворити, не сме навикнати да имаме една таква улога. Најважно е да посакаме да бидеме здрави, има многу време и многу натпревари за ракометарите во клубовите, па затоа сакаме пред се сакам сите да сме здрави“, заврши селекторот.










