Ангела Мојсовска – 21 година на големата карате сцена: Федерациите мораат да сфатат дека женскиот спорт заслужува рамноправен третман!

50
Фото: Приватна архива Ангела Мојсовска

Марија Ковачева

Во спортот ретки се приказните што траат со децении, а уште поретки што се градат со толку многу упорност, жртва и искрена љубов. Приказната на каратистката Ангела Мојсовска е токму таква. Македонската репрезентативка и член на клубот Макпетрол, 21 година беше активна каратистка на татамито.

Она што некогаш било само спорт е нејзин начин на живот. Зад себе има импресивни 61 златен медал, 32 сребрени и 22 бронзени медали, настапи на европски,  светски и балкански првенства. На светските и европските првенства има 11 пласмани на петто место и три на седмата позиција. На сето ова е признанието и за најдобра каратистка за 2025 година.

Но, нејзиниот пат не се состои само од медали. Зад секој успех стојат предизвици — борба со предрасуди, недоволна поддршка и моменти кога единственото на што можеш да се потпреш е сопствената верба.

Во „Женски спортски приказни“ Ангела отворено зборува за својот пат, за тоа што значи да си жена во боречки спорт. Од оваа година одлучи да се повлече како активна спортистка, но на големо задоволство одлучи да ја раскаже својата приказна и да ги инспирира сите оние кои сакаат да зачекорат во светот на каратето.

🥋Во каратето си 21 годинa, што значи дека овој спорт е дел од твојот живот од рана возраст? Како се роди љубовта кон каратето и што беше клучно да останеш толку долго време?

„Љубовта кон каратето се роди сосема спонтано, речиси без да знам. Имав само пет години кога сестра ми одеше исто така на карате, а бидејќи двата родитела работеа во периодот кога беше часот, јас едноставно одев со неа. Седев и ја гледав, но, нели децата не можат долго да седат мирно, па почнав несвесно да ги повторувам движењата од страна. Тренерот го забележа тоа и ги убеди моите родители да ме запишат, и покрај тоа што бев уште толку малечка. Така, каратето влезе во мојот живот – не преку голема одлука, туку преку едно детско восхитување“.

🥋Често пати каратето се смета за машки спорт. Со какви предрасуди се соочи во текот на кариерата, колку беше тешко како девојка да се избориш за свое место?

„Предрасудите беа секојдневие. Не беше реткост да ме нарекуваат „тепач” или да чујам провокации од типот „ајде да си ги мериме силите.” Во периодот кога врсничките ми одеа на обојка и танц, а јас на карате, ќе лажам ако кажам дека ми беше сосема сеедно. Но, со текот на времето научив да гледам на тие коментари поинаку — не како навреди, туку како потврда дека правам нешто поинакво, нешто што ме издвојува. Тоа ми стана движечка сила“.

🥋Твојата кариера сигурно ја одбележаа подеми, но и тешки моменти. Со какви предизвици се соочуваше? Дали имаше моменти кога сакаше да „дигнеш раце“?

„Секако, и тие моменти беа дел од патот. Почнав многу успешно уште како мала, но во кадетскиот и јуниорскиот период наидов на нешто со што тешко можев да се помирам: стагнирање. Одев на секој тренинг, без исклучок, се посветував целосно телесно и ментално — а резултатите едноставно не доаѓаа. Тоа е можеби најсуровото чувство во спортот — кога знаеш колку точно даваш, а фидбекот изостанува. Мислата да дигнам раце не беше странец во тој период, нема да кријам. Но, некаде длабоко, навиката и љубовта во каратето беа посилни од разочарувањето. Најтешката битка не се водеше на тренингот, туку после него, кога требаше да се убедам дека сепак припаѓам таму. Од 17-тата година нештата тргнаа нагоре и тој подем го чувам веќе десетина години. Но, со растењето дојдоа и поголеми предизвици — оние со кои веќе не се бориш само против себе“.

🥋На последното Светско првенство во Египет, каде дојде до осминафиналето, мораше да настапиш без поддршката од својот тренер. Колку тоа ти ја отежна ситуацијата и какво објаснување доби од матичната федерација?

„Повеќе отколку што сакав да признаам во тој момент. Каратето е индивидуален спорт – тоа е точно, но на голема сцена, под притисок на светско ниво, присуството на тренерот кој те познава подобро од кој е нешто незаменливо. Тој е гласот кој те смирува меѓу борбите, погледот кој те чита кога самата не можеш јасно да размислуваш, сигурноста дека некој е таму и знае точно што ти треба. Без тоа — се чувствуваш сам на терен кој не простува грешка. Искрено верувам дека таа отсутност можеби ме чинеше медал. И тоа е тежок товар за носење“.

🥋Што значи за еден спортист од индивидуален спорт да опстојува на сцена, бидејќи овие истите носат огромен товар, и психолошки и финансиски. Што е најважно во целиот процес и кој беше твојот најголем столб на поддршка?

„Опстојувањето во индивидуален спорт е навистина посебен вид на издржливост. Нема тим кој ќе го понесе товарот со тебе — секоја победа е твоја, но и секој пад го носиш на твои раменици. Бара стабилност која не се гради преку ноќ — бара упорност кога резултатите не доаѓаат, трпение кога процесот е бавен, и верба во себе дури и кога другите не веруваат во тебе. Финансиската страна е реалност која не смее да се заобиколи — без поддршка, дури и најталентираниот спортист тешко може да стигне до голема сцена. Но, парите сами по себе не се доволни. Она што навистина гради шампион е квалитетот на тренингот, точната периодизација, енергијата во салата и сигурноста дека секој вложен час носи смисла и ќе вроди плод. Покрај неизмерната поддршка на мојот тренер, мојот најголем столб секогаш беше мојата сестра — истата онаа поради која еден ден, како петгодишно девојче, за прв пат влегов во салата. Некако симболично, нели — таа ме воведе во каратето и таа останa до мене во сите моменти кога тоа беше најпотребно“.

🥋Според тебе, што треба да се промени во иднина за жените во каратето имаат подобри услови и вистинска поддршка?

„Промените мораат да дојдат на повеќе нивоа. Пред сè, потребно е поголемо институционално препознавање — федерациите мораат да сфатат дека женскиот спорт заслужува рамноправен третман, еднакви услови и еднаква финансиска поддршка. Премногу таленти се изгубени, не зошто немале способност, туку затоа што немале средства да продолжат. Но, промената е и општествена. Сè додека каратето се гледа како „машки спорт”, девојчињата кои влегуваат во сала, се борат на два фронта — еден на татамите, и еден надвор од нив. Потребна е поголема видливост, повеќе медиумско покривање и повеќе примери за младите генерации. Оние кои сме успеале да опстоиме имаме одговорност — да зборуваме гласно и да го направиме патот малку полесен за оние кои доаѓаат по нас“.

🥋Имаш бројни учества на Европски, Балкански и Светски првенства. Сето ова носи големо искуство, но и можност да видиш како другите земји функционираат? Каде е Македонија а оваа карта, дали заостанува или пак сме рамо до рамо?

„Искрено — не можам да кажам дека сум горда на тоа каде се наоѓа Македонија на светската карта во моментов. Постојат само неколку клубови, меѓу кои и мојот матичен клуб Макпетрол, каде навистина сериозно се работи. Но, кога станува збор за репрезентацијата — начинот на кој се организира селекцијата, подготовките, грижата за спортистите, присуството на доктор и физиотерапевт, времето за адаптација пред натпревари — сето тоа останува само на хартија, или подобро кажано, само во желбите. А токму тие детали се оние кои прават разлика меѓу просечен и врвен резултат“.

🥋Беше прогласена за најдобра каратистка за 2025 година. Што значи за тебе оваа награда?

„За мене оваа награда е огледало на сè она низ кое поминав — на годините тренинг, на раните утра и доцните вечери во салата, на моментите на сомнеж кога сакав да се откажам а некаде длабоко во себе наоѓав сила да продолжам. Таа не е само признание за резултатите ,туку и за сето она невидливо — за жртвите, за одрекувањата, за истрајноста и покрај пречките кои животот ги ставаше пред мене. Горда сум на себе и тоа го кажувам без никаква резерва, зашто знам точно колку чини“.

 

🥋Зад себе имаш импресивна колеција на медали? Кој медал или момент од кариерата ти е најдраг?

„Како медал — без двоумење, мојот прв балкански медал уште како дете. Тоа беше едно од оние натпреварувања каде отидов со јасна, цврста одлука во главата: „Јас без медал не се враќам.” Немаше место за сомнеж, немаше план Б — само таа една мисла која ме водеше низ секоја борба. И не се вратив без него. Бев балкански шампион. Тој медал за мене нема цена не затоа што беше прв, туку затоа што беше доказ дека убедувањето во себе може да биде посилно и од стравот и од притисокот. Но, ако зборувам за моменти — навистина би му направила неправда на каратето ако издвојам само еден. Дваесет и една година не се воопшто малку, и секоја од нив остави свој белег. Каратето не ми подари само медали и трофеи — ми подари нешто многу потрајно. Луѓе. Пријатели со кои ги делев и победите и падовите, со кои растев, патував, плачев и се смеев. Луѓе кои со текот на времето престанаа да бидат само сопатници во спортот и станаа вистинска фамилија. И за тоа — можеби повеќе отколку за кој било медал — сум длабоко благодарна“.

🥋Што те научи каратето, не само како спортистка, туку и како човек?

Каратето ме научи на нешто што ниту едно училиште и книга не можат да го предадат на ист начин — ме научи да се запознаам себе си, и тоа во моментите кога е најтешко, кога си уморна, кога си разочарана, кога сакаш да се предадеш, а мораш да станеш и да продолжиш. Тие моменти те обликуваат на начин на кој ништо друго не може. Ме научи дека дисциплината не е казна — таа е слобода. Кога знаеш дека си дала сè, дека ниту еден тренинг не си го прескокнала без причина, дека си се жртвуваала. Ме научи на трпение, на она длабоко трпение кое не е пасивно чекање, туку активна верба дека процесот ќе роди плод — дури и кога резултатите доцнат. Но, можеби најголемата лекција беше скромноста. На татамите нема место за надменост — секогаш може да дојде некој подобар, секогаш има уште нешто да се научи. Таа скромност ја пренесов и во животот -надвор од салата. Научив да ги ценам луѓето околу мене, да знам кога да побарам помош, и да бидам благодарна за секој чекор – не само за оние на подиумот. Каратето ме изгради како спортистка, тоа е точно. Но, уште повеќе ме изгради како жена — цврста, смирена, и свесна за своите вредности“.

🥋Што би им препорачала на младите девојки кои можеби се двоумат да почнат со овој спорт?

„Би им рекла — не двоумете се. Дајте си шанса да почувствувате како е да бидете дел од нешто што ве гради однатре. Знам дека светот надвор понекогаш зборува поинаку -дека постојат спортови кои се „за девојчиња” и спортови кои не се, дека треба да се вклопите во некоја слика која некој друг ја нацртал за вас. Но, самодовербата, силата и гордоста на себе си, немаат род и не признаваат граници. Спортот ќе ви даде многу повеќе од она што го очекувате. Ќе ви даде дисциплина која ќе ви служи цел живот – не само во натпреварувањето, туку во училиштето, на работното место, во односите со луѓето. Ќе ви даде тело и ум кои знаат да издржат притисок, ќе ви даде пријатели кои стануваат фамилија, и пред сè – ќе ве научи да верувате во себе дури и кога никој друг не верува. Патот нема да биде лесен, нема да ви лажам. Ќе има тешки денови, ќе има солзи и моменти на сомнеж. Но, ако останете – и само ако останете – ќе се погледнете во огледалото еден ден и ќе бидете горди на жената која сте станале. А тоа, верувајте ми, вреди повеќе од кој било трофеј“.


***Редакцијата на „СпортСпорт“ им се заблагодарува на Фудбалската федерација на МакедонијаРакометната Федерација на Македонија и Кошаркарската Федерација на Македонија, кои ги отворија вратите за проектот „Женски Спортски Приказни“ и без двоумење прифатија да не поддржат во реализација на истиот***

Голема благодарност до нашите партнери: НЕПТУН и ТРИГЛАВ ОСИГУРУВАЊЕ ЖИВОТ АД СКОПЈЕ. 

ПретходноПремиерлигата ги “замрзна“ цените на билетите за гостувањата на уште две сезони!
СледноАко Македонија обезбеди мундијалска виза познато е во кој град нема да игра!