Кошаркарите на ТФТ по продолжение славеа на гостувањето кај Куманово во мечот од 19. коло во домашниот кошаркарски шампионат. ТФТ победи со 76:83 и ја задржува втората позиција на табелата зад шампионот МЗТ Скопје А.
Гостите од Скопје тргнаа со подобра игра на денешното гостување и имаа минимална предност по првите 10 минути од 18:22. МКК Куманово во вториот период се врати и успеа да надомести дел од разликата, по што ТФТ со само поен предност отиде на полувреме (37:38).
Во второто полувреме, кумановци имаа подобар влез и во третата четвртина и направија комплетен пресврт. Стигнаа до прва предност со тројка уште на стартот по што успеаја да ја одржат разликата пред финалните 10 минути (54:50). Во завршните 10 минути од регуларниот дел, ТФТ најде сили да се врати во самиот финиш, иако Куманово одржуваше континуирана минимална предност. со поените на Гордон на 15-тина секунди до крајот израмнија на 69:69 и мечот отиде на продолженија.
Овде ТФТ продолжи во добар ритам и во првите три минути направи разлика од 7 поени (71:78). Домашните се доближија до 76:78, но следуваше тројката на Иванов за плус 5 за гостите на една минута до крајот. Таа тројка се покажа и како клучен момент за победата на ТФТ.
Дејвис постигна 29 поени со 6 скока и 3 асистенции и беше убедливо најдобриот поединец кај ТФТ. Кај Куманово Радукиќ заврши со 25 поени и 11 скока.










