После пласманот во полуфиналето на Купот со победата на пенали над Струга ТЛ, екипата на Шкендија ја очекува уште една гостинска задача и во Првата лига на Македонија, и дуел против Македонија ЃП.
Шампионот влегува во пресметката со полн оптимизам, затоа што остана единствениот тим кој може на крајот да дојде до двата пехари, а дефанзивецот Мевљан Мурати очекува до крајот на сезоната екипата да го даде максимумот да дојде до двојната круна.
„Влегуваме во натпреварот во позитивна атмосфера, откако се пласиравме во полуфиналето на Купот. И Шкендија е единствениот тим кој е во трка за двата домашни трофеи, во Купот и во првенството, и се надевам дека ќе ги освоиме на крајот“, изјави Мурати, и додаде:
„Секој натпревар има своја вредност. Фокусирани сме од меч во меч. Досега постигнавме многу цели, и сега ќе ни биде нешто полесно, затоа што не очекува полесен распоред, а доаѓа и репрезентативната пауза и верувам дека ќе имаме време да се подготвиме и до крајот да ги исполниме целите. Ние сме многу добар тим, работиме сите пообединети од било“, заврши дефанзивецот на тетовските „црвено-црни“.
Шампионот има амбиции, и во првенството и во Купот на на ривалите како Македонија ЃП е да направат се што е во нивна моќ за тој план да го расипат.
„Нормално дека Шкендија ја почитуваме и сме свесни дека овој тим е шампион. Сепак, Македонија ЃП како тим сезонава на неколку пати покажа дека може да се носи со секого па и гостувањето на Шкендија во Ѓорче Петров не претставува ништо повеќе од првенствен меч. Нам бодовите ни се неопходни тоа е и повеќе од јасно, и ќе се обидеме да стигнеме до нив. Мотивирани сме, знаеме што значи позитивен резултат против Шкендија, и ќе направиме се за да стигнеме до него“, велат од таборот на „лавовите“.
Мечот меѓу Македонија ЃП и Шкендија се игра со почеток во 14:30 часот.















