Павел Трајковски: Дресот на Партизан е чест, задоволство и обврска

127

Огнен Чак Дојчиновски

Како ретко кога, во Белград, поточно во клубовите од главниот град во соседна Србија, се наоѓаат млади македонски интернационалци кои што ги градат своите кариера во српските фудбалски гиганти.

Во моментов во Црвена Звезда имаме неколкумина наши млади репрезентативци, а од другата страна на Белград, онаа „црно – белата“ имаме млад, перспективен и ултра талентиран голман.

Се работи за Павел Трајковски, момчето кое што улиците на неговото родно Скопје и населбата Ѓорче Петров ги замени со широките булевари на Белград. Младинецот на Македонија ЃП веќе извесен период е дел од Партизан клуб, кој што од поодамна го процени неговиот потенцијал, квалитет и капацитет, па поита да го доведе во своите редови.

„Најпрво благодарност што се сетивте на мене, и што одвоивте време за да поразговараме. Да, моето име е Павел Трајковски и сум дете на Македонија ЃП. Уште од мал бев свесен дека фудбалот е моја пасија, особено голманската позиција. Нештата одеа едно по друго што се вели. Најпрво го најдов своето место во младинските категории на „Лавовите“, а преку турнирите и мечевите бев забележан од други клубови како потенцијал, како талентиран голман„ – ја започнува приказната за Спортспорт, Павел Трајковски па продолжува.

Партизан ме следеше извесно време

„Не би рекол дека приказната со Партизан се случи одеднаш. За интересот од овој клуб знаев, но реално имаше интерес и од други клубови. Партизан ме следеше подолго време. Минав и извесен период во овој клуб кој што би го нарекол пробен, во кој покажав што можам, а потоа Партизан го направи своето. Обезбеди се што е потребно за моја пресепба во Белград“ – вели Трајковски па во исти тон продолжува.

„Не е лесно да се преселиш во друга држава, во друг град, да го промениш целосно животот. Но јас и моето семејство одлучивме дека овој мој трансфер во Партизан е најдоброто за мене во моментов. Засега живеам организирано, заедно со останатите играчи од младинската школа на Партизан во интернат, и воопшто не е лошо, напротив. Се чувствувам комотно, на свое што се вели. Дружиме доста со момците од мојата генерација но и со постарите од кои многу може да се научи во овој период. Искуството е драгоцено во оваа фаза од кариерата, па и животот. Секој совет од постар вреди многу“ – вели младиот македонски голман.

Работа под тренерска палка на Иван Радовановиќ и Срѓан Остојиќ

Што се однесува до самата генерација 2007 во која што спаѓа и Трајковски важи за една од најталентираните кога станува збор за младинската школа на Партизан.

„Главен тренер на мојата генерација е Иван Радовановиќ. Што се однесува пак до нас голманите со нас работи Срѓан Остојиќ. Два исклучително квалитетни стратези од кои што многу учиме. Шампионатот на Србија во било која категорија воопшто не е лесен. Има квалитетни екипи. Од друга страна ова е Партизан, клуб во кој победувањето и резултатот секогаш се прва опција“ – додава Трајковски.

Одработени веќе тренинзи и со првиот тим

Младиот чувар на мрежата со неговите 18. Години во моментов може да се пофали и со статус на играч кој што има одработено и тренинзи со првиот тим на Партизан.

„Тоа е посебно чувство. Награда за се она што си го работел претходно. И доказ дека некој тоа го цени, вреднува и согледува. Со првиот тим гледаш какво ниво е тоа, и со самото тоа добиваш мотивација да работиш уште понапорно и да се докажуваш“ – потенцира Трајковски.

За Македонија на максимум секогаш и секаде

Нормално, Павел Трајковски со својот квалитет и капацитет и статус на интернационапец е и младински репрезентативец на Македонија. Неговите 195 сантиметри го ставаат во категоријата на најперспективни млади голмани кај нас.

„Нема поголема чест од тоа да се настапува за Македонија. Дресот со национален грб е посебно чувство. Секогаш со радост го носам, и со гордост се одзивам на секој повик. Така ќе биде се додека Македонија смета на мене. За неа, секогаш и во секое време“ – поентира младиот голман на Партизан.

Павел Трајковски само ја продолжува низата на македонци кои што во Партизан низ годините, децениите оставиле и тоа како голем траг. Не се сомневаме дека наскоро ќе го видиме на преполниот ЈНА стадион како предводник на новата генерација на партизанови момци кои што гинат за дресот кој што во соседна Србија но и на целиот Балкан навиваат стотици илјади сипматизери.

ПретходноДијако: Купот е зад нас, да продолжиме со победа во шампионатот
СледноИталија со изменет состав ќе не пречека во Емполи