Фудбалерите на Реал Мадрид ја совладаа екипата на Атлетико Мадрид со 3:2 во вечерашниот натпревар од шпанската Ла Лига. Избраниците на Алваро Арбелоа и покрај сите потешкотии успеаја да стигнат до многу важна победа и го совладаа најлутиот ривал по прв пат од 2022 година.
Реал беше подобар ривал во текот на целиот натпревар, но Атлетико Мадрид имаше предност по првите 45 минути откако Лукман постигна убав погодок во 33-тата минута. Во вториот дел домашниот тим стави во поголема брзина и за само 3 минути успеа да направи пресврт преку Винисиус во 52-та и Валверде во 55-тата минута. Само 11 минути подоцна Нахуел Молина постигна еврогол за ново изедначување, но радоста на гостите траеше само 6 минути, бидејќи Винисиус уште еднаш ја затресе мрежата за ново водство на „кралевите“. Во 77-та минута Феде Валверде доби црвен картон и го остави својот тим на цедило, но Реал успеа да ги издржи сите налети на гостите и стигна до заслужената победа.
Со оваа победа Реал останува во потера на водечката Барселона и има 4 бода помалку. Атлетико пак, се наоѓа на 4-тото место на табелата и има 57 бодови.










