Македонската ракометна репрезентација против Словачка ќе игра бараж натпревар за пласман на Светското првенство 2027 година. Првиот меч селекторот, Кирил Лазаров и неговите избраници го играат на гостински терен на 13/14 мај, додека реваншот е во Скопје на 17 мај.
Предводникот на нашиот најдобар национален тим неделата на ЕХФ ја искористи за пријателски меч против Австрија, им даде шанса на ракометарите кои имаат мала минутажа во своите клубови за да добијат на искуство пред главната битка. За Словачка потенцира дека треба да бидат максимално подготвени, но и играчите да бидат здрави до крајот на сезоната.
„Бараж натпреварот за Светско првенство е голем влог. Мораме сериозно да се подготвиме. Противникот е сериозен, на чело има селектор Шпанец со големо искуство и шпански стил на игра.
Имаме време да се спремиме, се надевам дека играчите ќе бидат во добра физичка кондиција и здрави пред крај на сезона. Тактички се квалитетно спремни и играат доста дисциплинирано.
Се надевам нашите играчи во нашата лига ќе добиваат повеќе простор и минути за игра за да во добра форма го дочекаме баражот“, ни изјави Кирил Лазаров.










