Манчестер Сити го победи Арсенал со 2:0 во финалето на Карабао Купот на Вембли и го освои својот прв трофеј оваа сезона. Двата гола ги постигна Нико О’Рајли, во 60-тата и 64-тата минута. Младиот 21-годишник постигна два гола со глава за само четири минути од второто полувреме и го предводеше тимот на Пеп Гвардиола до уште еден трофеј.
„Секогаш е важно да се освои трофеј. Овој е посебен бидејќи зад нас имаме тешки две недели. Игравме против најтешкиот противник. Нè задушуваа првите 15 минути, не можевме да дишеме. Потоа почнавме да земаме други топки и да играме подобро“, рече Гвардиола по натпреварот и додаде:
„Микел Артета изгради тим кој е речиси непобедлив. Ова е нашиот петти Карабао Куп за десет години. Не е лошо. Секој пат кога ќе го освоите трофејот, се чини потешко отколку минатиот пат“, заклучи долгогодишниот тренер на Сити за Скај Спортс.










