Македонската репрезентација до 21. година од вчера се наоѓа во Италија, каде што во четврток со почеток од 18:15 часот на стадионот Карло Кастелани во Емполи ќе го одигра новиот дуел од актуелната квалификациска кампања.
Резултатите од истата во моментов не ни одат во прилог, односно оваа генерација и покрај талентот и квалитетот кој што го поседува не обезбеди онолку бодови колку што реално очекувавме.
Сега, на ред е дуелот со Италија на гости, во моментов второпласираната репрезентантација во групата со 15 бодови, и секако голем фаворит. Од друга страна пак ние сме претпоследни со само три бода од шест меча.
„Нè очекуваат две исклучително тешки гостувања, но тоа е реалноста во овој квалификациски циклус. Направивме одредени промени и го подмладивме тимот со фудбалери кои ќе бидат носители и во следниот циклус, но и со играчи кои верувам дека веќе сега можат да одговорат на барањата“ – рече селекторот Горан Станиќ пред заминувањето за Италија.
Нашиот состав е без Никола Манојлов од Работнички кој поради повреда отпадна од комбинација.
ГОЛМАНИ: Васко Василев (Струга Трим Лум), Љупче Џеков (Силекс), Никола Филевски (Брегалница).
ОДБРАНА: Марко Стоилевски (АП Брера), Андрија Димески (Вождовац; Србија), Андреј Аризанковски (АП Брера), Анес Мелиќи (Шкендија Тетово), Ѓорѓе Џеков (Силекс), Нуман Ајетовиќ (Шкендија Тетово), Меметриза Хамза (Струга Трим Лум), Давид Стојановски (Браво, Словенија).
СРЕДЕН РЕД: Матеј Ангелов (Работнички), Сејдо Дураков (Рот Вајс Ерфурт, ГерманијаО, Илија Масларов (Лугано, Швајцарија),Матео Софијаноски (Македонија ЃП), Мартин Ѓоргиевски (Збројовка Брно, Чешка), Мухамед Куртиши (Базел, Швајцарија).
НАПАД: Димитар Данев (Вардар), Матеј Гаштаров (Борац Чачак, Србија), Кире Стојанов (АП Брера), Адмир Љатифи (Осијек, Хрватска), Димитар Трајков (Дуго Поље, Хрватска)










