Како што и се најавуваше, вечерва можевме да го проследиме Горан Пандев, иконата на мак – фудбалот во поткастот на ФФМ. Гранде искрено, отворено говореше на повеќе теми.
Откри некои работи што се насетуваа, а исто така говореше за тоа како и зошто се случуваа некои работи за време на ЕП 2020. Посочи дека тој смета дека во тоа време и без селектор ќе можеле да се пласираат на ЕП.
Се разбира дека мислеше на Игор Ангеловски – Мрме, кој тогаш беше селектор на А-репрезентацијата. И сега смета дека Македонија можела многу подобро да одигра на тој шампионат, и дека токму селекторот е виновен за катастрофалните резултати на ЕП.
„Ние одигравме катастрофално европско првенство, по мое. Нашата тактика беше – ајде ќе му ја дадеме топката на Горан, па ако нешто направи добро. Немавме никаква тактичка подготвеност. На ЕП отидовме како растурена банда. Подготовките беа катастрофални“ вели Пандев.
Пандев кажа дека верува во Гоце Седлоски како селектор, со кој долги години играа заедно во А-репрезентацијата.
Откри дека по победата над Грузија во Тбилиси, по неговиот победнички гол, кога Македонија се пласира на едно големо европско натпреварување, меѓу првите телефонски повици дошле од Жозе Мурињо и Масимо Морати.
Пандев говореше и за вистинскиот Роналдо, секако дека и за неговото семејство, кариерата и за уште многу други работи. Рече дека му благодари уште еднаш на претседателот на ФФМ, Масар Омерагиќ:
„Му благодарам што ми укажа шанса да бидам дел од ФФМ како директор на репрезентацијата, и според мене тој како претседател на федерацијата, за една година и три месеци направи повеќе од она што е направено за изминатите 30 години“ посочи Пандев.
Јасно е дека кога ќе говори Гранде треба сите да слушаат.










