Одиме по остварување на сонот: Македонија сака, Македонија може….НАПРЕД МАКЕДОНИЈА!

227

СпортСпорт во Копенхаген, Огнен Чак Дојчиновски

Некоја чудна сила никако не ни дава барем на еден меч во баражите за СП да бидеме домаќини. Пред четири години гостувавме кај Италија и Португалија, а сега гостуваме кај Данска, а потоа кај Чешка или Р. Ирска. Никако дома. Никако пред своите фанови на Арената “Тодор Проески“ во Скопје.

Но, ако. Можеби вака ќе биде послатко.

Вечерва од 20:45 часот на “Паркен стадионот“ во Копенхаген, нашата најдобра фудбалска репрезентација игра историски меч. Полуфинале од плеј – офот за пласман на СП кое ова лето ќе се игра во Северна и Средна Америка. Македонија е на само 180 минути од остварување на сонот, учество на еден Мундијал.

Пред четири години Роналдо и Португалија ни беа непремостлива пречка, но, затоа сега со поголемо искуство ќе се обидеме од вторпат да дојдеме до СВЕТСКО.

Нема дилеми дека Данците се фаворити, играат пред своја публика, играат на свој терен, имаат квалитет.

Сепак, сепак, Македонија не се предава. Македонија сака, Македонија може…

Сега на потег се воините на Гоце Седлоски, кој со своето искуство и знаење и тоа како е на потег. Македонија вечерва ќе треба да одигра еден мудар, тактички зрел меч. Мора по секоја цена да се стопира таа брза игра на Данците, мора да се искористи нивниот потценувачки однос, барем од изјавите на нивните фудбалери, посебно на Хојлунд.

Македонија има свој квалитет, мотив и желба, искуство од вакви мечеви.

И пак тој Палермо нека биде показател каква Македонија треба вечерва на “Паркен“ за славје. Респект кон противникот ама и верба во себе и своите квалитети. Македонија има шанса, има шанса за нешто големо, за нешто епско. Ние веруваме во такво нешто.

Веруваме дека Столе ќе биде фантастичен на голот, дека Барди ќе командува на теренот на “Паркен“ а Дијамантот Елмас ќе му покаже на својот клупски колега Хојлунд, дека неговата репрезентација не смее да ја потцени никој.

Затоа НАПРЕД МАКЕДОНИЈА!

ОДИМЕ НА ПОБЕДА, МАКЕДОНИЈО!

ПретходноРодри: Реал Мадрид преговара со мојот менаџер!
СледноДанците јавно објавија дека вечерва ќе имаат „шпиони“ во Прага!