Бразил загуби со 2:1 од Франција во пријателски натпревар на стадионот „Жилет“, а средбата ја одбележа скандирањето на претежно бразилската публика. Навивачите, среде поразот, го извикуваа името на ѕвездата на Сантос, Нејамр, барајќи од селекторот Карло Анчелоти да го врати во тимот.
Бразилскиот селектор не сакаше да ги коментира скандирањата, нагласувајќи дека фокусот треба да биде на играчите кои настапија во поразот.
„Треба да зборуваме за тие што беа тука, што играа и го дадоа максимумот, презедоа одговорност и напорно работеа. Јас сум задоволен“, изјави италијанскиот стручњак. Додаде дека „конкуренцијата за место во тимот за Светското првенство е голема“.
Шансите на Нејмар за настап на Светското првенство се сè помали бидејќи сè уште се мачи да ја врати формата во Сантос. Сепак, поранешни соиграчи како Касемиро и понатаму веруваат во него.
„Знаеме каков квалитет има Нејмар. Тој е незаменлив за секоја репрезентација, особено кога е во форма. За мојата генерација тој е во топ три играчи: Роналдо, Меси и Нејмар. Близок сум му пријател и не е на мене да одлучувам кого ќе повика селекторот“, изјави фудбалерот на Манчестер Јунајтед по натпреварот.
Иако нападот го предводеа Винисиус од Реал Мадрид и Рафиња од Барселона, на Бразил му недостигаше конкретност во завршницата. Анчелоти застана во одбрана на своите напаѓачи, а за Рафиња појасни дека бил заменет на полувремето поради мускулна повреда.
„Мислам дека Рафиња одигра многу добро. Почувствува непријатност во мускулот при крајот на првото полувреме, па моравме да го замениме, но имаше многу шанси и одлично се движеше без топка. Вини секогаш се труди и прави разлика. Напаѓачот не може секогаш да постигне гол, но работата што ја завршија двајцата беше добра“, рече Анчелоти.
И покрај поразот, италијанскиот селектор најде позитивни страни во играта на својот тим, кој се подобри во второто полувреме, особено по влегувањето на Луиз Енрике.
„Мислам дека денешниот натпревар многу јасно покажува дека можеме да се носиме со најдобрите репрезентации во светот. Во тоа воопшто не се сомневам. Игравме против многу силен тим со многу квалитет и бевме рамноправни до самиот крај, кога противникот почна да одолговлекува за да ја зачува победата. Убеден сум дека ќе се бориме со сите сили за титулата светски шампион“, изјави Анчелоти.










