Викендов на програмата е дерби дуелот помеѓу МЗТ Скопје и Работнички, дуелот е закажан за в недела со почеток во 19 часот. Иако и оваа сезона тимот од „Градски Парк“ мака мачи, и се наоѓа на деветото место во Супер-лигата, сепак кога станува збор за овие два клуба, натпреварите се посебни.
Од таборот на актуелниот шампион го најавија мечот и известија дека ги пуштиле билетите во продажба со популарна цена од 100 денари.
„Полека наближува дуелот кој секогаш буди голем интерес во Аеродром – нашата пресметка на домашен против вечниот ривал Работнички!
Билетите веќе се во продажба преку МК Тикетс (линк во коментари), а ќе може да се купат и на денот на натпреварот од 16 часот на билетарницата пред салата. Цена: 100 денари“, порачаа од тимот на МЗТ Скопје.










