Интервју со Јелена Антиќ, за истрајноста и љубовта кон кошарката која не згаснува: Не постои краток пат до успехот!

90
Фото: Фотографиите се приватна архива на Јелена Антиќ

Марија Ковачева

Македонија ретко има привилегија да раскаже големи приказни од женската кошарка. Една од нив и припаѓа на Јелена Антиќ. Поранешната македонска репрезентативка зад себе има импресивна 17-годишна кариера, исполнета со посветеност, жртва и упорност.

За Јелена кошарката не завршува со последниот свиреж, напротив љубовта кон кошарката продолжува, само во нова улога. По завршувањето на играчката кариера, се одлучи за нов предизвик, да се изгради како тренер.

Таа е еден од ретките примери и на македонска тренерка која гради успешна меѓународна кариера. Антиќ е дел е од германскиот тим Рутроник Старс Келтерн, со кого успеа да освои и шампионска титула. Нејзиното тренерско CV е исполнето со значајно искуство: беше дел од стручниот штаб на српската репрезентација, каде соработуваше со Марина Маљковиќ, работеше и во стручниот штаб со македонската женска сениорска селекција, го предводеше и женскиот национален тим до 18 години и до 20 години. Пред да се приклучи на германската екипа, Јелена работеше во Академијата на Нотигем Вајлдкетс со кошаркарискиот тим У20  .

Јелена направи уште еден голем чекор, одлучи своето знаење и искуство да го сподели со идните генерации. Оваа година ќе организира кошаркарски камп во Охрид, кој е наменет за млади и талентирани кошаркарки.

Антиќ својата кариера ја почна во Младинец, а потоа за брзо време се пресели во САД каде што настапуваше прво за екипата на средното училиште „Либерти Академија“, а потоа и за Универзитетот Ливерти флејмс. По враќањето од САД го облече дресот белградски Партизан, каде што мина три сезони, а потоа и за Радивоје Кораќ (Србија), Макаби Ашдод (Израел), Сарагоса (Шпанија), ЦСУ Алба (Романија), Намур (Белгија), Чата (Унгарија), македонски Баскет Кам и Замора (Шпанија). Зад себе има три шампионски пехари, исто толку трофеи во Купот на Србија и во женската АБА-лига, сите освоени во дресот на Партизан.

Јелена Антиќ во „Женски Спортски Приказни“ зборува за своите почетоци, патот кој води кон градење на професионална кариера, за предизвиците, за истрајноста, храброста и љубовта кон кошарката која не згаснува.

🏀На само 15 години си замина од дома за да го следиш својот сон. Колку беше тешка таа одлука и што ти помина низ глава во тие први денови далеку од Македонија?

„Искрено, одлуката воопшто не ми беше тешка. Тоа беше нешто што го сонував долго време и едвај чекав да заминам. Кога си млад, не размислуваш премногу однапред за сите можни предизвици — повеќе те води возбудата и желбата да успееш.

Во тие први денови секако имаше моменти на прилагодување, нова средина, нови луѓе, нов јазик.. но љубовта кон кошарката и целта што ја имав пред себе ми помогнаа брзо да се снајдам и да продолжам напред“.

🏀Како од Младинец стигна до САД и до европските клубови, што беше клучно?

„Бев дел од еден турнир во Луксембург, каде што настапивме како екипа од Скопје составена од најдобрите играчи од повеќе клубови. Турнирот го следеа скаути од Америка кои го забележаа мојот талент. Неколку дена подоцна, моите родители добија позик од Горан, тогашниот менаџер за млади таленти кои сакаат да продолжат со  школување во Америка, соопштувајќи им дека имам понуда за целосна стипендија за средно училиште во САД. Тоа беше еден од најсреќните денови во мојот живот.

И така, после завршената прва година во „Корчагин“,  заминав за САД во Liberty Christian Academy. По средното училиште добив повеќе понуди за колеџ и го избрав Liberty University. Понатаму, работите некако се одвиваа природно и патот ме однесе кон Европа.

Клучно беa – упорноста, посветеноста и љубовта кон кошарката, но и малку среќа во вистински моменти“.

🏀Kога ќе погледнеш наназад на 15 години кариера, дали има нешто што би го направила поинаку, или секој чекор те однел таму каде што требало да бидеш?

„Да, сигурно има работи што денес би ги направила поинаку. Иако верувам дека секој чекор има своја улога и те носи таму каде што треба да бидеш. Сепак имало ситуации што биле во моја контрола, но не сум знаела како подобро да се справам со нив. Најмногу се однесува на тоа колку често се туркав над сопствените граници. Како професионалци, често го губиме компасот за мера и постојано бараме уште повеќе, без да се препознаеме кога е доволно.

Веројатно кариерата ќе ми траеше подолго ако порано научев да поставам појасни граници и навреме да го слушам своето тело“.

🏀Како член на Партизан, Макаби…имаше шанса да играш Еврокуп и Евролига. Какво е чувството, дали таму навистина се чувствува разликата меѓу добар играч и врвен играч?.

„Се чувствува, но не секогаш на начинот на кој луѓето мислат. На тоа ниво сите имаат квалитет, но разликата ја прават конзистентноста и менталитетот – кој може да испорачува под притисок, секој ден.

Интересно е што сум играла и на највисоко ниво со и против играчи кои реално биле просечни. Тоа ми покажа дека само талентот не е доволен за да се остане таму. Многу повеќе значи дисциплината, работната етика и способноста да се игра паметно.

Евролига и Еврокуп носат посебен интензитет и одговорност, и таму многу брзо се гледа кој може да се прилагоди и да биде фактор, а кој само е дел од ростерот“.

🏀Имаше чест да соработуваш со Марина Маљковиќ во Партизан како играч, а потоа како помошен тренер во српската женска кошаркарска репрезентација. Што научи како играч, а потоа и како тренер? Кој е највредниот совет што ги го даде?

„Имав чест да соработувам со Марина Маљковиќ, прво како играч во Партизан, а потоа и како дел од стручниот штаб во репрезентацијата. Тоа искуство ми даде поинаква перспектива и од двете страни.

Една од најважните работи што ги научив е дека менталниот аспект на спортот често е и поважен од тактичкиот. Можеш да бидеш совршено подготвен тактички, но ако не си ментално стабилен и фокусиран, тешко дека ќе го извлечеш максимумот. Тоа е лекција што останува со мене и денес, и како поранешен играч и како тренер“.

🏀Добро е позната дека женската кошарка веќе долго време не е на нивото кое што треба да биде. Земјаќи го во предвид твоето играчко и тренерско искуство стекнато во странство, каде грешиме, што треба прво да се промени?

„Проблемот не е еден, туку системски и затоа нема едноставно решение, ама има јасни точки каде што најмногу „крцка“.

Прво, развојот на млади играчки. Кај нас често се работи краткорочно – резултат веднаш, наместо правилен технички и тактички развој. Во странство, особено на повисоко ниво, основите се граделе години: техника, читање на игра, одлуки. Кај нас многу талентирани девојки „застануваат“ на 16–18 години затоа што никогаш не изградиле стабилна база.

Второ, квалитетот и структурата на тренинзите. Премногу генерален пристап, премалку индивидуална работа, со исклучоци. Денес кошарката бара специфичност — позиција, улога, детали. Ако сите тренираат исто, никој не се развива доволно.

Трето, натпреварувачката средина. Лигата не е доволно конкурентна, а без силни натпревари нема напредок. Играчите мора редовно да бидат ставени во ситуации каде што се „приморани“ да размислуваат побрзо и да играат под притисок.

Четврто, физичка подготовка. Ова е огромна разлика со странство. Сила, брзина, превенција од повреди – кај нас често е занемарено или направено формално. А денешната кошарка е атлетска колку што е и техничка.

И можеби најважно – менталитетот. Треба повеќе дисциплина, конзистентност и одговорност кон работата. Врвното ниво бара секојдневен пристап.

Ако треба да се почне од нешто, јас би почнала од тренерите и младинските програми. Кога таму ќе се постави стандард, сè друго постепено ќе се крене“.

🏀Имаш искуство и во националните тимови, и тука ситуацијата статус-кво. Прашањето е исто кој систем би бил соодветен за да можеме да градиме генерации за во иднина?

„Ако очекуваме различен резултат со истиот пристап – тоа нема да се случи. Кај националните селекции проблемот најчесто не е „кој систем играме на натпревар“, туку што немаме систем надвор од натпреварите.

За да се градат генерации, треба да постои јасна вертикала – од U14 до сениорки, со ист идентитет на игра и јасни принципи. Не зборувам за исти акции, туку за исти правила: како браниме “еден на еден“, какви одлуки бараме во напад, какво темпо играме. Така играчот кога доаѓа во репрезентација не учи „од нула“, туку се надградува. Континуитет наместо камп-менталитет. Кај нас репрезентацијата често функционира како краток собир пред натпревари. Во посериозни системи има мониторинг преку цела година – комуникација со клубови, индивидуални планови, следење на минутажа и развој. Тоа е разликата меѓу селекција и вистинска програма.

И клучно – стабилност во стручен кадар. Ако на секои 1–2 години се менува правецот, нема генерација што ќе „израсне“ во систем. Подобро е средно решение со континуитет, отколку постојано менување со идеја дека следниот ќе го „погоди“ решението. Ако мора да се сведe на едно: не ни треба подобра селекција за едно лето, туку програма што ќе трае најмалку 4–6 години и ќе ги врзува сите возрасти во една приказна“.

🏀Ти си дел од стручниот штаб на германскиот тим Рутроник Старс Келтерн. Како дојде до таа соработка?

„Соработката дојде преку една моја блиска пријателка, со која се знаеме многу години уште од времето кога игравме. Таа ме покани да работиме заедно, што за мене беше навистина убаво искуство, особено затоа што имаме многу слична кошаркарска филозофија.

Веќе две сезони работиме заедно и можам да кажам дека функционираме како одличен тим, што се гледа и преку резултатите што ги постигнуваме“.

 

🏀Како се гледа на женската кошарка како спорт во Германија? Со оглед на тоа дека е шампионски тим, амбициите се јасни. Како е организиран твојот тим во однос на поставеност, тренинзи или слично…

„Во Германија женската кошарка е на многу постабилно и попрофесионално ниво отколку кај нас, иако сè уште не е во ранг на најсилните европски лиги. Сепак, разликата се гледа во организацијата, условите и пристапот – сe е појасно дефинирано и поставено како систем, не импровизација. Сепак, и во оваа лига има доста работи кои треба да се подобрат за да се крене нивото на конкуренција. Германската женска репрезентација моментално е на својот пик, и тоа е одлична шанса која треба да се искористи – за подобра промоција на лигата, привлекување повеќе внимание, публика и квалитетни играчи.

Во однос на нашата екипа , како шампионски тим, амбициите се секогаш високи и тоа се чувствува во секојдневната работа. Се е структурирано – од распоред на тренинзи, до улоги во стручниот штаб. Секој знае точно за што е одговорен, што многу ја олеснува работата и ја крева ефикасноста.

Тренажниот процес е многу прецизен и планиран. Не се работи „само да се одработи тренинг“, туку секоја сесија има јасна цел – дали е тоа тактика, индивидуален развој или работа на детали. Има добар баланс меѓу тимски тренинзи и индивидуална работа, што е клучно за напредок“.

🏀Одлучи да направиш уште еден голем чекор во својата кариера, да организираш камп за младите и перспективни кошаркарки. Можеш ли да ни откриеш детали околу кампот, зошто ќе биде поинаков од останатите?

„Одлуката да организирам камп е нешто што го посакував многу години наназад, и природно дојде како следен чекор во мојата кариера. Работејќи со играчи од секоја возраст, гледам колку простор има за напредок, поготово со млади играчи во делот на индивидуалниот развој – и токму тоа е главната идеја зад кампот.

Она што ќе го направи поинаков е пристапот. Нема да биде класичен камп каде што само се „одработуваат“ тренинзи, туку ќе се работи во мали групи, со многу внимание на детали – техника, одлуки во игра, читање на ситуации. Секој играч ќе има јасна насока на што треба да работи.

Исто така, ќе се инсистира на квалитет, а не на квантитет – подобро помал број на играчи, но со сериозна и фокусирана работа. Целта е секоја учесничка да замине со нешто конкретно што ќе може веднаш да го примени. Дополнително, ќе се пренесува и искуство од странство – како се работи на повисоко ниво, какви се очекувањата, што значи да се биде професионалец. Тоа е нешто што често недостасува, а прави голема разлика“.

🏀За крај што би им препорачала на младите кошаркарки, што е најважно во процесот на созревање, но и градење на професионална кариера?

„Најважно е да разберат дека нема краток пат до успехот– развојот бара време, трпение и истрајност. Фокусот треба да биде на секојдневен напредок, со љубов кон кошарката, дури и кога резултатите не доаѓаат веднаш. Бидејќи напредокот е процес. Да работат на себе не само како играчи, туку и како личности – дисциплина, одговорност и правилен однос кон работата.

И на крај, да имаат јасна цел, но и трпение да стигнат до неа чекор по чекор“.



***Редакцијата на „СпортСпорт“ им се заблагодарува на Фудбалската федерација на МакедонијаРакометната Федерација на Македонија и Кошаркарската Федерација на Македонија, кои ги отворија вратите за проектот „Женски Спортски Приказни“ и без двоумење прифатија да не поддржат во реализација на истиот***

Голема благодарност до нашите партнери: НЕПТУН и ТРИГЛАВ ОСИГУРУВАЊЕ ЖИВОТ АД СКОПЈЕ. 

ПретходноИ Ирците се разочарани, но веќе гледат кон Македонија: Наша работа е да станеме и да се подготвиме најдобро за следниот меч
СледноСкандалозно: Верстапен избрка новинар од прес! (ФОТО)