Куп на Македонија: Штип УГД VS Борец кај мажите во финалето, кај жените Наковски Волеј со Вардар ЕМ!

55
ФОТО: vfmkd.org.mk/

Одбојкарите на Штип УГД и ГОК Борец ќе ги измерат силите во финалето од 33. издание од Купот на ОФМ 2026 во машка конкуренција, денеска, од 19:30 часот во СЦ „Јане Сандански“ во Скопје.

Двократниот бранител на титулата Штип УГД ја оправда фаворитската улога во полуфиналното соочување со Струмица 47&72 во кое славеше со 3:0 (25:17, 25:18, 25:12). Младите струмички одбојкари се потрудија да му парираат на противникот, но немаа сили да приредат изненадување. За Штип УГД ова е трето куп-финале во низа во кое ќе се обидат да стигнат и до „хет-трик“ кога се куп-титулите во прашање.

Во финалето штипјани ќе ги предизвикува еден од најсериозните конкуренти и во трката за шампионската титула во првенството, ГОК Борец. Велешкиот состав во второто полуфинале со 3:0 (25:19, 25:14, 26:24) го победи Работнички 71&22. Овој дуел понуди малку повеќе возбудувања, а особено интересен беше третиот сет во кој Борец имаше негатива од 16:20, но успеја да ја анулира и со пресврт да го освои сетот на разлика и да го потврди местото во финалето.

ГОК Борец последен пат играше во едно куп-финале во 2023 година, кога загуби од Струмица 47&72 со 3:0.

Финалниот дел од 33. издание од Купот на ОФМ 2026 ќе стартува со финалето во женска конкуренција, во кое од 17:30 часот се соочуваат Вардар ЕМ и Наковски Волеј, додека од 19:30 часот е машкото финале.

Натпреварите се играат во СЦ “Јане Сандански” во Скопје, а влезот е слободен.

Финалните натпревари од Купот на ОФМ 2026 ќе имаат и директен ТВ пренос на МРТ3.

Бранителот на титулата Наковски Волеј и дебитантот Вардар ЕМ, ќе се се соочат во финалето од Купот на ОФМ 2026 во женска конкуренција, кое се игра денеска, 17:30 часот во СЦ „Јане Сандански“ во Скопје.

За одбојкарките на Наковски Волеј ова е трето куп-финале во клупската историја, второ во низа, во кое се надеваат дека ќе имаат „трета среќа“ и ќе го одбранат пехарот.

Во полуфиналето струмичкиот состав го елиминираше Младост УГД, а сега пред него стои нов предизвикувач – Вардар ЕМ, кој покажа дека не смее да се потцени, во спротивно знаат тоа жестоко да го казнат.

ПретходноАлкалоид по лесни два против Тиквеш, Пелистер по рехабилитација во Скопје
СледноНекогашен македонски репрезентативец ги скина лигаментите!