Одбојкарите на Штип УГД и ГОК Борец ќе ги измерат силите во финалето од 33. издание од Купот на ОФМ 2026 во машка конкуренција, денеска, од 19:30 часот во СЦ „Јане Сандански“ во Скопје.
Двократниот бранител на титулата Штип УГД ја оправда фаворитската улога во полуфиналното соочување со Струмица 47&72 во кое славеше со 3:0 (25:17, 25:18, 25:12). Младите струмички одбојкари се потрудија да му парираат на противникот, но немаа сили да приредат изненадување. За Штип УГД ова е трето куп-финале во низа во кое ќе се обидат да стигнат и до „хет-трик“ кога се куп-титулите во прашање.
Во финалето штипјани ќе ги предизвикува еден од најсериозните конкуренти и во трката за шампионската титула во првенството, ГОК Борец. Велешкиот состав во второто полуфинале со 3:0 (25:19, 25:14, 26:24) го победи Работнички 71&22. Овој дуел понуди малку повеќе возбудувања, а особено интересен беше третиот сет во кој Борец имаше негатива од 16:20, но успеја да ја анулира и со пресврт да го освои сетот на разлика и да го потврди местото во финалето.
ГОК Борец последен пат играше во едно куп-финале во 2023 година, кога загуби од Струмица 47&72 со 3:0.
Финалниот дел од 33. издание од Купот на ОФМ 2026 ќе стартува со финалето во женска конкуренција, во кое од 17:30 часот се соочуваат Вардар ЕМ и Наковски Волеј, додека од 19:30 часот е машкото финале.
Натпреварите се играат во СЦ “Јане Сандански” во Скопје, а влезот е слободен.
Финалните натпревари од Купот на ОФМ 2026 ќе имаат и директен ТВ пренос на МРТ3.
Бранителот на титулата Наковски Волеј и дебитантот Вардар ЕМ, ќе се се соочат во финалето од Купот на ОФМ 2026 во женска конкуренција, кое се игра денеска, 17:30 часот во СЦ „Јане Сандански“ во Скопје.
За одбојкарките на Наковски Волеј ова е трето куп-финале во клупската историја, второ во низа, во кое се надеваат дека ќе имаат „трета среќа“ и ќе го одбранат пехарот.
Во полуфиналето струмичкиот состав го елиминираше Младост УГД, а сега пред него стои нов предизвикувач – Вардар ЕМ, кој покажа дека не смее да се потцени, во спротивно знаат тоа жестоко да го казнат.










