Алекс, засекогаш ќе бидеш – Херојот од Палермо!

873

Пишува: Зоран Ѓоршоски!

Толку беше! На 33 години, по цели 15 години играње за репрезентацијата на Македонија, по 98 настапи и 24 постигнати голови, денеска преку своите социјални мрежи, Алексндар Трајковски и официјално објави дека се повлекува од својот најдраг дрес.

Во емотивната порака, со зборови кои се манир на голем човек и личност, Алекс кажа – ЗБОГУМ.

Си замина од репрезентацијата како трет по настапи и втор на листата на стрелците во историјата на Македонија. Човек кој што секогаш беше тука кога е најтешко, секогаш спремен да го даде последниот атом од своите сили за Македонија. Ретки се таквите како Алекс.

Секоја чест мајсторе за она што го даде за Македонија, за фудбалска Македонија.

Тој е творецот на „Чудото од Палермо“, тој е тој што засекогаш ќе биде – ХЕРОЈОТ ОД ПАЛЕРМО. Тој е креаторот на една фантастична ноќ на „Енцо Барбера“ во Палермо, во “неговиот“ Палермо, кога на тој 24 март 2022 година во 90+3.минута со фантастичен гол ја „шекна“ Италија и ја однесе својата Македонија во финалето од баражот за пласман на СП 2022.

Алекс е човекот кој што го постигна вториот најважен гол во историјата на Македонија, по оној на Пандев во Тбилиси кога Македонија се пласираше на ЕП 2020. Тој е творецот на еден од најубавите, ако не и најубав гол за Македонија, оној против Саудиска Арабија во септември минатата година. Тоа беше чиста поезија, фудбалска МАГИЈА.

За Алекс има многу што да се говори. Тргна од дете преку Цементарница и стигна да биде еден од најважните, најдобрите фудбалери на сите времиња во Македонија.

А се тргна на 10.08.2011 кога го имаше своето деби за А-репрезентацијата на Македонија на гостувањето во Баку кај Азербејџан. И од тогаш па до пред некој ден Трајковски беше еден од столбовите, клучните играчи на оваа наша селекција.

Покрај Македонија кариерата го водеше во Хрватска, Белгија, Италија, Шпанија, Данска, С. Арабија. И секогаш знаеше што сака, и секогаш на прво место му беше Македонија и дресот со државниот грб.

Голем МАКЕДОНЕЦ, со големи букви.

Никогаш вовлечен во било какви скандали, секогаш позитивен, човечка личност за респект. Рековме, такви се малку.

На Алекс за својот однос, кон се она што стори за овие 15 години, фудбалска Македонија треба и тоа како да му се заблагодари и секогаш да се потсетува дека ние сме имале фудбалски мајстор кој ја “шекна“ една Италија.

Алекс, ти благодариме за сè! Ти благодариме за тој 24 март 2022 година и моментот со кој направи да бидеме горди Македонци.

ПретходноПолуфиналето е реалност: Пилиповиќ ја спушти „ролетната“, ГРК Охрид ја освои Атина!
СледноЈакимовски солиден во победата на Тренто на гости кај Венеција