Во доста неизвесен натпревар со бројни промени на водството, ТФТ запиша победа против Златибор од 80-90и се пласираше во полуфиналето на плеј-офот во АБА2-лига каде ќе игра против Сутјеска. Ова е уште еден голем успех за македонскиот тим, кој испиша нова страница во својата клупска историја.
Говенс со 23 поени и 8 скока беше прв стрелец, зад него беше Зафиров со 14 поени, Ташовски и Стојанов имаа по 13 поени.
ТФТ одигра одлична прва четвртина, која ја отвори со 4-11, а дојде и на двоцифрени 12-26. На стартот на вториот период тимот од Тафталиџе водеше со 15-30, но не успеа да го здрѓи истиот ритам. Златибор одговори со серија од 15-3 и дојде на 30-33. На одморот резултатот беше 36-38. Ова беше најава за неизвесен натпревар. Домаќинот успеа да дојде до првото водство во третата четвртина 43-39, по што започна резултатската нишалка.
Во последната четвртина ТФТ успеа да поведе со 67-72, благодарение на серијата од 5-0, а додека подоцна со поените на Зафиров направи уште еден чекор напред кон победата (69-76) во 36-та минута. Нашиот тим во одлучувачките моменти беше без услугите на Гордон, Самербил и Дејвис, кои направија пет лични грешки. Домаќинот се обидуваше на секој начин да се врати целосно во мечот, но избраниците на Боро Смилковски не го дозволија тоа.










