Р.Ирска – Македонија 0:0 е исходот на вечерашниот пријателски натпревар на „Авива стадионот“ во Даблин. Ова беше меч меѓу две селекции кои беа поразени во полуфиналето од плејофот за пласман на СП 2026, затоа и немаше којзнае какво резултатско значење.
Генерално уште едно лошо издание на Македонија. Строга дефанзива, само дефанзива а од офанзива ништо. Меч за заборав во Даблин, добро е барем што не загубивме, ако е тоа некаква утеха.
На овој меч за Македонија своето деби го имаа Имран Фетаи, кој беше и стартер, и Дени Мусовски.
Ирците многу подобро го отворија мечот, со висок пресинг, со агресивност и притисок. Македонија беше натерана во строга дефанзива. И така беше се до 15-20 минута кога Еген и Огбона имаа полушанси. Македонија се ослободи од притисокот и веднаш опасно се заканивме со шутот на Енис Барди од слободен удар, но голманот умешно одбрани.
Следуваа шансите на Перот, во 24., во 37. и 40.минута, се закани и Азаз, но за наша среќа немаше гол па на пауза се замина со тие почетни 0:0.
СЕ ПОВРЕДИ РЕШАТ РАМАДАНИ, ПА МОРАШЕ ДА ГО НАПУШТИ ТЕРЕНОТ
Во второто полувреме уште на стартот селекторот Гоце Седлоски им даде шанса на Мусовски, Серафимов и Ристовски. Сепак искрено не се промени којзнае што во нашата игра. Во дефанзива солидни, ама имавме проблеми кога ќе требаше да се искреира нешто поконкретно.
На другата страна Перот и Азаз и натаму опасно се закануваа, и тоа во три наврати. Но, и натаму нема гол, мрежите мируваа на “Авива стадионот“ во Даблин.
Во 60.минута уште четворица нови имиња на теренот уфрли Седлоски и тоа Николов, Рамадани, Дориев и Станковски. И кај Ирците имаше повеќе замени. Да потсетиме дека двата селектори имаа право на по осум замени. По десет минути на терен се повреди Решат Рамадани, па мораше да биде заменет со Бејтулаи.
Сепак, ни тие нови девет фудбалери во нашиот табор е донесоа ништо ново. Само строга дефанзива и ништо од дефанзива. Каква таква закана искреираа Херера и Ристовски во 84.минута, но нашиот напаѓач не успеа да ја допре таа топка. Па така не може да се каже дека било шанса за нас. Кени во 90+5.минута имаше зицер за 1:0, но Столе одбрани за наша среќа.
На крај останаа тие почетни 0:0 на овој пријателски меч.
ПРИЈАТЕЛСКИ НАТПРЕВАР
Р. ИРСКА – МАКЕДОНИЈА 0:0 (0:0)
Стадион „Авива“ во Даблин. Судија: Ајван Грифин (Велс). Стрелци:/.
Р.ИРСКА: Келехер, Еган, Колинс, О`Шеи, Колеман, Најт, Молумбу, Скелс, Огбене, Азаз, Перот.
Играа уште: Вејл, Траверс, Абанквах, Лавал, Обрајан, Ајдах, Кени.
МАКЕДОНИЈА: Димитриевски, Фетаи, Зајков, Велковски, Чурлинов, Костадинов, Алими, Херера, Барди, Елмас, Растодер.
Играа уште: Мусовски, Серафимов, Ристовски, Николов, Рамадани,Станковски, Дориев, Муслиу, Бејтулаи.










