Во периодот од 27 до 30 март во Таранто, Италија, се одржа Семинар за шефови на мисии посветен на финалните подготовки за Медитеранските игри „Таранто 2026“.
Македонскиот олимписки комитет (МОК) на овој настан беше претставен од делегација во состав: претседател Даниел Димевски, генерален секретар Ѓорги Тасев и Петар Спасеновски, раководител на сектор спорт и шеф на делегацијата за Медитеранските игри 2026.
На 20 недели пред свеченото отворање на Игрите, кои е предвидено да се одржат од 21 август до 3 септември 2026 година, македонските претставници од прва рака се запознаа со сите организациски и технички аспекти.
Заедно со делегациите на останатите 26 медитерански олимписки комитети, тие учествуваа на детални тематски сесии, билатерални средби и извршија директна обиколка на клучните спортски борилишта, со што се потврди целосната подготвеност и меѓусебна координација за претстојниот голем спортски собир.










