Македонија со подмладен состав, без Ѓорческа и Стоилковска на БЏК купот

35
Фото: Тениска Федерација на Македонија

Женската тениска репрезентација на Македонија отпатува за Бања Лука каде од 6 до 11.април ќе настапува во рамки на Втората Евро-африканска зона од Били Џин Кинг купот. Оваа година во оваа зона се десет репрезентации, но системот на натпреварување е променет.

„Годинашново издание е со десет репрезентации (7 од Европа, 3 од Африка). Ние ќе настапиме со подмладен состав. Ќе настапиме со: Сара Митевска, Ана Митевска, Јана Божиновска и Зара Зафировска. Мечевите треба да се играат на отворено и на земјена подлога. Имавме добри подготовки, а девојките добро тренираа и пред сè имаме добра атмосфера. Ние сме најмлада репрезентации и во секој меч противничките ќе бидат фаворитки, но ќе се бориме и ќе се обидеме да направиме изненадување, изјави селекторот Кристијан Вангелов, кој ќе дебитира на оваа функција“. 

За отсуството на Лина Ѓорческа и Магдалена Стоилковска, кои неколку години го предводеа нашиот тим селекторот Вангелов истакна:

„Ѓорческа и Стоилковска изминативе 5-6 години, па и 10 години беа тие што ја предводеа репрезентацијата. Ѓорческа беше пријавена за настап, но за жал поради повреда мораше да направи промена во календарот на настапи и реши да не настапи за репрезентацијата, додека Стоилковска не настапува и веста е убава, но таа ќе ја сподели во следниот период“. 

Десетте репрезентации се поделени во две групи по пет, се игра секој со секого, а потоа двете првопласирани селекции од групите ќе вкрстат (А1-Б2 и Б1-А2), а победничките од тие полуфинални мечеви ќе се изборат за промоција и влез во Првата Евро-африканска зона. Мечеви за пласман (опстанок) ќе играат (А3-Б4 и Б3-А4), репрезентациите кои ќе победат ќе изборат опстанок, додека петтопласираните од групите ќе играат меч за пласман. Мечевите од групите ќе се играат од понеделник до петок, а тие за пласман во сабота.

Составот на групите ќе биде познат во недела кога ќе се изврши извлекувањето. Од Европа учеснички се репрезентациите на: Австрија, Бугарија, Кипар, Финска, Грција, Македонија, Норвешка и Босна и Херцеговина (домаќин), а од Африка учеснички се: Египет, Мароко и Јужна Африка.

ПретходноАрсими после победата над Вардар: Во Струмица одиме по позитивен резултат
СледноСилекс има противник по мерка, Шкупи оди во Кратово да се надигрува!