Фудбалерот на Арсими, Марсел Гони, останува целосно фокусиран и мотивиран пред денешниот предизвик против АП Брера во Струмица, нагласувајќи дека екипата патува со јасна цел, освојување бодови.
“Среќен сум за постигнатиот гол и за победата против Вардар, бидејќи беше многу важен натпревар за нас. Таа победа ни донесе дополнителна самодоверба, но сега целото наше внимание е насочено кон денешниот натпревар”, изјави Гони.
Според него, Арсими е подготвен за следниот предизвик и ќе се прикаже со борбен менталитет:
“Во Струмица не очекува силен противник, но ние одиме подготвени и фокусирани. Ќе влеземе на теренот да го дадеме максимумот во секоја минута и да извојуваме позитивен резултат. Секој бод е важен и тоа многу добро го знаеме.”
Репрезентативната пауза тимот на АП Брера ја искористи за комплетно ресетирање и подготовка за клучниот дел од сезоната во кој мисијата е да се обезбеди опстанок во елитата. По двата порази во последните две кола, избраниците на Мартин Алаѓозовски се надеваат дека сега доаѓа период на многу подобри игри и резултати.
„Работевме напорно во текот на репрезентативната пауза и се надеваме дека тоа ќе даде резултат на натпреварите што претстојат. Нѐ очекува важен натпревар против Арсими, а ние се надеваме дека ќе одиграме квалитетно и ќе успееме да ги освоиме бодовите“, вели тренерот Мартин Алаѓозовски.
Натпреварот меѓу АП Брера и Арсими е закажан за 15:30 часот, на стадионот „Благој Истатов“ во Струмица.















