Катерина Милеска е првата македонска фудбалска селекторка: До оваа позиција дојдов со напорна работа, посветеност и љубов кон фудбалот!

111

✍ Зоран Ѓоршоски

Да се биде селектор, да се биде предводник на една фудбалска селекција е чест и задоволство, секако и одговорност пред се. Уште ако си првата дама, односно ако си првата македонска фудбалска селекторка во историјата, е тоа е навистина нешто големо. А тоа кај нас е Катерина Милеска, селекторката на нашата женска репрезентација до 17. години. Милеска на оваа функција е од 2021 година.

Милеска е една од нашите најдобри и најпознати фудбалерки во историјата. Некогашна репрезентативка со повеќе од 100 настапи, вели дека е горда што е првата жена – селектор и тоа ја прави неизмерно среќна и горда и тоа за нејзе претставува огромна чест и задоволство. Се надева дека со ова таа само ќе отвори пат и за останатите жени кои се подготвени да бидат како неа. Таа изминатата година беше прогласена за најуспешна тренерка, а нејзината репрезентација за најуспешен национален тим во изборот на Македонскиот Олимписки Комитет и манифестацијата „Златна Олимпија 2025“.

Токму прилепчанката Катерина Милеска денеска е хероината во нашата рубрика “Женски спортски приказни“.

“Пред се ви благодарам за укажаната чест и драго ми е што и јас сум дел од овој проект кој веројатно е прв во Македонија и што сум во друштво на истакнати жени – спортистки или жени кои се поврзани со спортот во нашата земја кои досега биле дел од оваа читана рубрика во вашиот медиум“, истакна Катерина.

ФУДБАЛОТ Е НЕШТО СВЕТО ВО МОЕТО СЕМЕЈСТВО

Зошто фудбал? Малку необично за женско во Македонија, посебно за некои средини кои сметаат дека фудбалот е класичен машки спорт. Милеска има свој коментар за ова:

Фудбалот го засакав уште од мала, најмногу затоа што бев опкружена со фудбалери во моето семејство. Фудбалот е нешто свето во моето семејство. Растев играјќи фудбал на улица, заедно со машки и женски. Татко ми уште од најрана возраст ме носеше на стадион да ги следам натпреварите на Победа. За мене фудбалот никогаш не бил машки или женски спорт, туку едноставно спорт што го сакам. Можеби во Македонија е помалку застапен кај девојчињата, но верувам дека тоа се менува и ми е драго што сум дел од таа променавели Милеска.

Почетоците на Кате во светот на фудбалот се од далечната 2002 година кога била дел од ЖФК Прилеп во својот роден град:

Со фудбал почнав во 2002 година, со самото формирање на женската фудбалска лига во Македонија, во Прилеп, во ЖФК Победа. Во текот на кариерата настапував за повеќе клубови: ЖФК Единство, ЖФК Билјанини извори, ЖФК Кочани, ЖФК Истатов, ЖФК Атлетико и ЖФК Цевитана. Во секој од тие клубови стекнав драгоцено искуство и се развивав како играч, а сите тие чекори беа важни за да стигнам до нивото на кое сум денес. Мислам дека сум имала успешна кариера, а мора да кажам дека сеуште сум активна во ЖФК Кочани. Чуствувам дека можам да играм уште и затоа сум тука, на фудбалските терени ширум Македонија“.

ЦЕЛИ ДВЕ ДЕЦЕНИИ ДЕЛ ОД НАЦИОНАЛНИОТ ТИМ

Кога говори за репрезентацијата на Македонија, таа говори со исклучителна гордост и задоволство. Зарем треба да се каже што значи да го носиш дресот на својата држава.

„За тоа колку точно настапи имам нвистина не сум сиурна, со оглед на тоа дека не постои официјална евиденција за првите натпревари на репрезентацијата, но имам над 100 настапи. Дел од националниот тим бев цели 20 години, од 2004 до моето повлекување во 2024 година. Да играш за својата земја е нешто посебно – тоа е чест, гордост и огромна одговорност.

Кога говори за успесите тоа исто така го прави со гордост.

Би ги издвоила настапите за репрезентацијата, како и освоените трофеи со ЖФК Кочани и ЖФК Билјанини извори. Но, за мене голем успех е и тоа што останав доследна на фудбалот сите овие години, доследна на мојата фудбалска филозофија – фудбалот на прво место. Искрена и посветена сум до крај кога станува збор за спортот кој што е мојот живот. Не знам за нешто поинаку. Така е мислам најдобро“.

ПРВАТА ЖЕНА – СЕЛЕКТОР ВО МАКЕДОНИЈА

Милеска е селектор на У-17 женската селекција на Македонија. Ова ја прави првата жена – селектор во историјата на нашата земја, нејзинто име засекогаш ќе биде врежано во историјата на фудбалот во Македонија.

Селектор сум од 2021 година. До оваа позиција дојдов преку долгогодишна работа, посветеност и љубов кон фудбалот. Уште како активна играчка почнав да размислувам за животот по кариерата, па се насочив кон едукација – се стекнав со Б и А лиценца преку Центарот за едукација на ФФМ. Работев како тренер во Прилеп, а потоа бев дел и од У-15 репрезентацијата како асистент. Секако, довербата од федерацијата беше клучна. За мене е голема чест што сум првата жена на таква позиција и се надевам дека ќе отворам пат за други“.

Да се биде на оваа функција, посебно во Македонија воопшто не е лесно, но затоа ова е и голем предизвик за нејзе.

Секако дека е голем предизвик, но и огромна чест. Работата со млади играчки бара трпение, посветеност и правилен пристап. За мене најголем успех е нивниот напредок и фактот што дел од нив продолжуваат во А-репрезентацијата. Ако треба да издвојам за успесите конкретно, тоа се трите пласмани со У-17 од лига Б во лига А, каде што играме против најдобрите репрезентации во Европа – искуство кое е многу значајно за нивниот понатамошен развој“.

Катерина успешно ги спојува обврските како активна фудбалерка во ЖФК Кочани и селекторка на У-17 репрезентацијата.

„Искрено воопшто не е лесно, бара добра организација и голема дисциплина. Сепак, активното играње ми помага подобро да ги следам девојките. Од друга страна уште можам на терен да одиграм добро, па така – зошто да не? До кога вака ќе биде, ќе видиме“.

“МНОГУ НАУЧИВ ОД НАШИОТ ВЛАТКО АНДОНОВСКИ, НЕКОГАШНИОТ СЕЛЕКТОР НА САД“

Нашата селекторка може да се пофали дека учела и од Влатко Андоновски, некогашниот селектор на А-репрезентацијата на САД, една од најсилните репрезентации во женскиот фудбал.

Тоа е непроценливо искуство за мене. Влатко Андоновски ми беше ментор како дел од програмата на FIFA Coach Mentorship. Тоа е програма, каде што влегуваат 20 најперспективни млади тренери од цел свет, кои добиваат свој ментор кој ќе им помага во нивниот развој. Да учиш од тренер кој е на такво ниво и да видиш како работи, беше огромна мотивација за мене. Научив, а и сè уште учам, многу – особено за пристапот, дисциплината и работата на највисоко ниво. Имав привилегија токму од Андоновски да видам како се работи на она највисоко ниво во светот на фудбалот“.

На крај Катерина Милеска има и свое видување за тоа каква е моменталната состојба на женскиот фудбак во Македонија? Што треба да се стори за да биде на уште повисоко ниво.

Женскиот фудбал во Македонија напредува, но има уште многу простор за развој. Во светот се вложува сè повеќе и напредокот е голем. Кај нас се потребни подобри услови за работа, повеќе инвестиции, системска работа со млади категории и поголема промоција, за да се привлечат повеќе девојчиња во овој спорт“, заврши Милеска.

Ние можеме да заклучиме дека на женскиот, па и на фудбалот воопшто во Македонија, и се потребни уште многу Катерини за да одиме напред во секој поглед. Кога пред себе се има визија, се знае што се сака, се вложува сета љубов кон овој спорт, се разбира кога се работи максимално, резултатите не изостануваат.


***Редакцијата на „СпортСпорт“ им се заблагодарува на Фудбалската федерација на МакедонијаРакометната Федерација на Македонија и Кошаркарската Федерација на Македонија, кои ги отворија вратите за проектот „Женски Спортски Приказни“ и без двоумење прифатија да не поддржат во реализација на истиот***

Голема благодарност до нашите партнери: НЕПТУН и ТРИГЛАВ ОСИГУРУВАЊЕ ЖИВОТ АД СКОПЈЕ. 

ПретходноСилекс има противник по мерка, Шкупи оди во Кратово да се надигрува!
СледноПосле болниот пораз стигнаа катастрофални вести за Црвена Звезда!