Среќа што Вардар попладнево игра со слабата и лоша Македонија Ѓ.П на нашиот најголем стадион во земјава во меч на кој „црвено-црните“ треба да влезат во последната фаза од битката за титулата.
Вардар зад себе има пеколно лош март, многу лоши игри, два порази и загубена предност во однос на ривалот Шкендија. Гоце Седлоски имаше бледо издание со националниот тим како селектор и додека шефот ја предводеше репрезентацијата на неколку минути пред дуелот со Република Ирска (0:0), дојде веста дека Вардар ја најде неговата замена.
Аргентинецот Кристијан Фабиани не само што е новиот тренер на Вардар од јуни, тој веќе е тука во Скопје и се подготвува за превземање на клубот. Зошто токму сега!? Ете го вчера гледал, Брера со Арсими на пример.
Дуел на две екипи со кои Вардар веќе нема да игра до крајот на сезоната. Лесно е да се следи „тренерот инфлуенсер“ кој дневно има по неколку објави на социјалните мрежи околу тоа каде е, до каде е и што прави во Скопје.
Во најдобар случај Седлоски уште девет средби ќе биде на клупата на Вардар а Фабиани е тука за да „му помага“‚ околу составот кој сега треба да биде на аргентински погон и затоа играчите од типот на Кастењеда, Пулеио и Торес треба да имаат се поголеми минутажи. Штета што во ростерот не е регистриран големиот потенцијал Мануел Куестас кој во целиот овој хаос би бил можеби одлично решение во дефанзивната линија.

А Седлоски две недели беше со репрезентацијата а екипата беше во “сигурни раце“ и затоа не треба да се има поголема грижа со оглед на тоа дека „двајца без тројца“ останаа да го тренираат лидерот додека сите останати имаа дополнителни ангажмани. Затоа играчите сега имаат двоен притисок.
Ем да му докажат на Седлоски дека се добри за да играат за Вардар, но и да се докажат пред Фабиани кој веќе ја прави трансфер листата и новиот тим од идната сезона во кој се сигурни само аргентинците (од странците ако некој во меѓувреме не дезертира како Донгмо, Мато, Бајо, Чимбембе… ).
A што ако Вардар не победи денеска или во среда кај Пелистер!?















